Автомобилите во Европската Унија емитуваат околу 12 проценти од вкупната емисија на јаглерод диоксид. Од 2009 година ЕУ регулативата поставува задолжителни таргети за намалување на емисијата на CO2 од нови возила. Првиот таргет стапи на сила во 2015 година. Построги таргети ќе бидат воведени од 2021 година.
На 17 април 2019 година Европскиот парламент и Советот на Европа ја донесоа ЕУ регулативата 2019/631 со која се поставуваат стандарди за емисија на CO2 од нови патнички возила и нови лесни комерцијални возила – комбиња во Европската Унија за периодот по 2020 година. Новата регулатива стапи на сила на 1 јануари 2020 година.
Од 2015 година на сила е таргет од 130 грама од CO2 на еден километар просечна емисија од нови патнички возила на ниво на Европската Унија. За остварување на овој таргет новите возила би требало да имаат потрошувачка на гориво од околу 5,6 литри на 100 километри за бензинските и 4,9 литри на 100 километри за дизел-возилата.
Ваквиот таргет на ниво на Европската Унија беше остварен во 2013 година, две години пред планираното.
Според податоците на Европската агенција за животна средина просечното ниво на емисија на новите возила регистрирани во 2018 година во Европската Унија изнесува 120,4 грама на еден километар. Тоа е намалување од 14,2 процента во однос на 2010 година, кога просечната емисија на гасови од возилата е околу 140 грама на еден километар.
Од 2021 година таргетот на просечна емисија на ниво на Европската Унија ќе биде 95 грама CO2 на еден километар. Ова ниво на емисија на CO2 е еднакво на потрошувачка на гориво од околу 4,1 литар на 100 километри за бензински и 3,6 литри на 100 километри за дизел-возила.
Во согласност со регулативата производителите на возила ќе имаат специфични таргети за емисија на CO2 што ќе бидат врзани со просечната тежина на возилата. Така, производителите на потешки возила ќе имаат повисок таргет на емисија на CO2 од производителите на полесни возила.
Новиот таргет ќе стапи на сила од 2021 година за сите новорегистрирани возила, но на производителите ќе им биде дадено време да се приспособат па во 2020 година новиот таргет на емисија на CO2 ќе важи само за 95 проценти од продадените возила од тој производител. Доколку производителите ги надминат таргетите поставени за дадената година ќе плаќаат пенали за секој надминат грам CO2, за секој нов регистриран автомобил.
Со цел поттикнување на повеќе еколошки иновации кај производителите на возила воведен е таканаречен систем на кредити каде компаниите ќе добиваат „кредити“ за секој нов модел со 0 или ниска емисија на штетни гасови до 50 грама CO2 на еден километар што ќе го претстават на пазарот. Потоа, овие кредити производителите ќе ги трошат за ослободување од плаќање на пенали за постарите модели на возила кои ги продаваат, а имаат емисија поголема од поставениот таргет од 95 гр/км. Ова ќе важи за периодот од 2020 до 2022 година, а максималниот износ на кредити што еден производител може да го добие е 7,5 гр/км за период од три години.