Мајка и ќерка шијат маски и ги делат бесплатно на граѓаните

Од:

Мајка и ќерка од Куманово шијат маски и ги делат бесплатно на соседите во маалските продавници, а од неодамна ги повикаа и граѓаните преку социјалните мрежи кои немаат маски да им подарат. Како што вели Сандра Спировски, почнале првично да изработуваат за себе откако во аптеките се продадоа сите маски од залиха. Но, увиделе дека може да сошијат поголеми количини и да ги поделат на оние што немаат, за да се заштитат што е можно поголем број луѓе.

„Мајка ми ги шие маските, на машина која ја немаше вклучено повеќе од 10 години. Но, кога дојде кризата за маски, решивме сами да си направиме. Погледнав неколку видеа на интернет за да видиме како се кројат и шијат , купивме материјали и почнавме да шиеме. Нашите маски се изработени од пелени за бебиња, затоа што машината е стара, не е професионална конфекциска и само тој материјал го обработува. Откако ќе ги сошиеме, ги стерилизираме со пегла на висока температура, по што се спремни за употреба“, вели Сандра.


На овој начин, времето поминато дома е корисно потрошено, додава Сандра и порачува граѓаните да не седат залудно дома, туку да најдат начин и да помогнат колку можат да се ублажи состојбата предизвикана од пандемијата.

„Да изработиш маска не е тешко, но има работа. А нам во ова време кога сме затворени дома, токму тоа ни е потребно, да бидеме ангажирани и корисни. Да не го трошиме залудно времето на социјалните мрежи, туку сите да најдеме начин некако да си поминеме еден на друг. Првпат кога делев маски на улица и по продавниците сигурно луѓето мислеле дека нешто не е во ред со мене, но јас се чувствував многу добро. Во моето маало ги обезбедивме со маски речиси сите што се јавија и кои немаа, така сите сме заштитени, а тоа е целта“, додава таа.

Но, како што вели оваа девојка, има луѓе кои побарале поголема количина, поради што ѝ станало сомнително дека можеби ќе ги продаваат. Затоа решила да дели по две до три маски по човек.

„Откако разделив на сите што побараа, решив да пуштам објава во една група на Фејсбук. Почнаа да ми бараат по 10-15 маски. Сметам дека не е време за профитерство, туку за солидарност, затоа на овие луѓе не им делам маски, иако некои ми нудеа да ми набават материјали. Ние немаме фирма, не шиеме на големо, затоа и ги делиме бесплатно. Не одбиваме помош во материјал, конец, ластик, но не работиме за профит, туку едноставно шиеме за да помогнеме и да дадеме на тие што немаат“ , објаснува Сандра.

Двете кумановки велат дека заштитни маски ќе шијат сè додека не заврши кризата со коронавирусот и ќе продолжат да ги делат бесплатно на своите сограѓани. Најмногу шијат за викендите и тогаш делат и преку 100-тина маски.

Би можело да ве интересира

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

Вкупно 250 случаи на Ковид-19 во јули во државава

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

A1on

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски