За време на викендите, додека трае полицискиот час, сопствениците ќе може да ги прошетаат своите миленици но, строго од 20:00 до 20:30 часот и најмногу до 100 метри оддалеченост од зградите во кои живеат. Притоа, не смеат да се групираат.
Ова се измените на Уредбата за ограничено движење, донесени денеска на владина седница, а ги соопшти попладнево на Твитер премиерот Оливер Спасовски.
– На денешната седница донесовме измени на уредбата за ограничено движење за да им се излезе во пресрет на домашните миленици – за време на викендите дозволено е шетање на милениците од 20:00 до 20:30 часот, најмногу до 100 метри оддалеченост од живеалиштето, без групирање, напиша Спасовски на Твитер.
Ветеринарната комора во саботата доставила официјално барање до Владата за измена на Уредбата. Притоа нагласи дека шетањето на милениците треба да се дозволи, но во строго дефинирани услови и време. Како што изјави претседателот на Комората, Томислав Николовски, во вонредна состојба поради коронавирусот кога здравјето на граѓаните е најбитно, не смее да се занемарат и потребите на животните. Секоја промена во нивните навики, посебно на милениците кои се чуваат во станови, предизвикува дополнителен стрес.
Одобрување милениците да се шетаат и за време на полицискиот час, бараа и здруженијата за заштита на животните во земјава.