Партиите не ги даваат парите, ВМРО-ДПМНЕ условува: Ако министрите работат без плати, ќе се откажеме од средствата за партијата

Од:

Тие што беа најгласни како да се крати буџетот, сега молчат. Не кажуваат дали ќе се откажат од државните пари со кои се финансираат партиите. Кога се во прашање парите, партиите не сакаат така лесно да се откажат, иако постојано повикуваат на хуманост и солидарност и предлагаат мерки за спас на економијата.

Од опозицисиката ВМРО-ДПМНЕ велат дека и понатаму стојат на ставот што го соопшти лидерот Мицкоски, кој рече дека ќе го поддржат предлогот, но под услов министрите во Владата за време на кризата да се откажат од своите плати.

„Лидерот на партијата кажа дека ние се откажуваме од парите наменети за партијата, но министрите, замениците и државните секретари да работат без никаков надомест. Нашиот став е непромент по ова прашање“, брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ДУИ засега молчат. Не кажуваат дали за нив е прифатлив предлогот да се откажат од државните пари за партијата кои би се пренамениле за излез од кризата со коронавурусот. ДУИ не се огласи ниту на повикот на лидерот на СДСМ, Заев, кој јавно ги повика да кажат дали ќе се солидаризираат, да ги отстапат парите кои ги примаат од буџетот.

За непродуктивни кратења на средствата од буџетот, до вчера гласни беа и од партијата Левица, но овој пат и тие решија да се воздржат од одговор. Од Левица, која по овој основ прима 94 илјади евра, не кажуваат дали би се откажале од парите за спас од кризата.

За Беса, кои по овој основ примаат 250 илјади евра, прифатливо е дел од парите да одат за кризата, но дел да задржат. Велат дека не би било добро во целост да се откажат од парите, затоа што не би можеле да ги покријат трошоците за вработените во партијата.

„Ние би се согласиле како политичка партија да се откажеме од дел од годишното финансирање во согласност со мерките за ублажување, но да повториме дека секој обид да се запира целосно финансирање на партиите може да има долгорочни последици. Тие тешко може да се отстранат кога државата ќе се врати во нормала, бидејќи со парите од буџетот 30 % се средства што се користат за теренска активност, додека 70% се за плати и обврски кон администрацијата на партијата, а тоа за нив е единствен приход од плата како вработени во партијата“, информира Аријанит Хоџа, генерален секретар на партијата Беса.

Ниту од ДПА на Мендух Тачи засега немаат став по оваа прашање. Велат дека допрва треба да го рагледаат предлогот во органите на партијата по што дополнително ќе информираат за ставот што го донеле.

На предлогот на министерката Рената Дескоска за откажување на парите од буџетот по основ на финансирањето на партиите зелено светло даде владеечкиот СДСМ.

Лидерот на партијата, Зоран Заев, и останати функционери во неколку наврати ги повикаа коалициските партнери, опозицијата и другите партии да се откажат од овие пари кои би се пренасочиле за зајакнување на здравствената заштита во услови на пандемија со коронавирусот.

Кон неговиот повик се приклучија дел од помалите партии, коалициски партнери на СДСМ.

„Ние ќе ја почитуваме одлуката што ќе ја донесе Владата. Во овие моменти парите треба да се пренасочат во други цели, не се важни сега парите на партиите“, велат од НСДП.

„Сметам дека ова треба да го направат сите партии. Ние примаме скромна сума пари по овој основ, но сакаме да бидеме солидарни и да помогнеме колку можеме во справувањето со кризата“, информираат од ДОМ.

Во друштво на овие партии се приклучи и Алтернатива на Африм Гаши. Тој додава дека не треба да се кратат платите на административците.

„Ние ќе го поддржиме овој предлог бидејќи сме свесни дека во услови на криза, мора да има кратења од буџетот. Сметаме дека треба да се скратат сите трошоци кои се сметаат за непотребни во овие услови, но сме против предлогот да им се намали платата на луѓето вработени во администрацијата“, рече Гаши.

Од Министерството за правда велат дека и понатаму стојат на ставот дека Владата треба да го донесе тој акт. Околку дилемата зошто партиите доброволно би се откажале од овие средства, кога Владата носи уредба со сила на законот кој треба да го почитуваат сите, од таму велат:

„Уредбата од страна на Министерството е подготвена и ќе биде разгледана во пакет со сите антикризни мерки. Добро е да има поддршка од сите партии, а не потоа да се жалат јавно и по амбасади дека се без средства“, одговори министерката Дескоска.

Со Законот за политичките партии, партиите делат над 4.5 милиони евра кои на годишно ниво ги добиваат од државата. Од нив, 30 отсто се за малите, а 70 отсто за големите партии. Минатата година по овој од државната каса примија 39 партии, при што најмногу поделиле СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Владејачката партија добила 1.180.000 евра, а најголемата опозициска партија 1.025.000 евра. На третото место според исплатената сума е партијата на Ахмети, ДУИ, со 441.000 евра, зад нив се Беса со 255.000 евра и Алијанса на Албанците, којашто добила 245.000 евра.

Би можело да ве интересира

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

Вкупно 250 случаи на Ковид-19 во јули во државава

Писонеро: ЕУ очекува сите политички сили во Македонија да го поддржат напредокот на европскиот пат

A1on

Една четвртина од младите се пречесто на социјалните мрежи, според нив, партиите се најголем извор на неточни информации

A1on

ИКС: Најголемите партии се и најголеми сејачи на токсични наративи

A1on