По упатениот јавен повик до граѓаните, од денеска Општина Кисела Вода почна со акција за поставување на држачи за средства за дезинфекција, како и дезинфекциски средства во влезовите на сите заинтересирани жители во колективните станбени објекти на територија на општината.
Како што соопшти Општината, ќе бидат опфатени зградите во сите урбани заедници кои изразиле или ќе изразат интерес.
Оттаму потсетуваат дека дезинфекциските средства и држачите кои ги обезбеди Општина Кисела Вода со поддршка од бизнис заедницата од овој дел на градот и за нив, сите заинтересирани заедници на станари и управители на станбените згради, се уште можат да се пријават на телефонскиот број 072/313-331 (од понеделник до петок од 8:30 до 16:30 часот и сабота од 8 до 15 часот) или на електронската адреса [email protected], каде треба да остават точна адреса – улица и број, како и телефон за контакт. За колективни станбени згради се сметаат зградите со минимум осум станбени единици.
– Викендов мобилни тимови организирани преку секторот за месна самоуправа и социјална грижа на Општина Кисела Вода, продолжија со дезинфицирање на сите згради на подрачјето на овој дел од градот. Иако, ова е законска обврска на граѓаните, сепак, со оглед на сериозноста на состојбата со ширењето на заразата со коронавирусот, Општината одлучи да им излезе во пресрет на своите жители. Во четвртокот беа дезинфицирани колективните станбени објекти во урбаните заедници Расадник и населба Драчево. Во петокот е извршено прскање за дезинфекција во Цветан Димов, Кисела Вода, Бирарија и Припор. Викендов се работеше и се заврши прскањето во сите останати згради во другите урбани заедници, соопштија од Општината.
Во текот на денешниот ден, додаваат, се врши повторно дезинфицирање на сите улици, овој пат со специјално возило за таа намена.
Од Општината апелираат на совесно однесување на сите граѓани и почитување на владините препораките и забрани во насока на превенција и заштита на здравјето од коронавирусот.