Фантонските гласачи од Албанија со новоиздадени лични карти кои извршија инвазија во општина Центар не знаеа ниту за кој кандидат гласаат, ниту на која улица живеат.
Опозицијата веднаш по завршувањето на гласањето, на првата прес конференција вечерва обвини дека сите овие гласачи биле носени од страна на МВР на гласање. Тие го оценија и вториот круг за нелигитимен и недемократски, со притисоци, поткупување гласачи, а како најевидентна појава го посочија носењето гласачи со новоиздадени лични карти.
Нерегуларностите на изборниот процес за овие локални избори, на кои што бевме сведоци во првиот изборен круг, кулминираа во вториот круг. Со тоа, овие локални избори во целост се нерегуларни, нефер и недемократски, рече Игор Ивановски.
Евидентни беа сите можни нерегуларности кои што може да се замислат: поткуп, купување на гласови, присила, организирано носење на гласачи со помош на полициски и други државни службеници и државни возила, бугарски возови преку изнесување и крадење на гласачко ливче, приведување на опозициски активисти, сликање на гласачки ливчиња, семејно гласање и гласање во име на друг, како и ред други незаконски форми на нарушувања и злоупотреби.
Она што особено вчудоневудува е скандалозното, брутално, досега невидено нарушување на изборниот процес во Центар, општина каде досега, во изминатите години, се спроведуваа најмирни, фер и демократски избори.
Дури ни сите злоупотреби што беа направени во првиот круг, не беа доволни, па власта се одлучи да организира носење на фантомски гласачи од други градови низ Републиката, па дури и од други држави.
Со помош на државни институции и државни службеници, особено полицијата, речиси во сите гласачки места, организирано беа носени фантомски гласачи.
Особено шокантно е тоа што полициски службеници, „Алфи“ со комбиња и возила, ги носеа фантомските гласачи на гласачките места, за што поседуваме и видео снимки.
Ова е целосна потврда за партиско полицискиот режим на Никола Груевски кој комплетно ја киднапираше државата и сите нејзини институции.
