Клиничката болница „ Аџибадем Систина“ почна да врши тестирање за детекција на присуство на коронавирусот кај населението.
Покрај првично набавените 15.000 тестови, извршена е набавка и на уште 35.000 нови, со цел брзо детектирање на заболените со коронавирусот.
„Комбинираната употреба на IgG и IgM тестот може ефикасно да детектира присуство на вирусната инфекција или претходен контакт со вирусната инфекција преку имунолошкиот статус на телото. Тестирањето се врши со земање крв, а процесот на тестирање не трае подолго од 10 минути“, велат од болницата.
До денеска од сите тестирани пациенти во КБ „Аџибадем Систина“, позитивни биле резултатите за 11 пациенти, по што сите тие биле пријавени во Институт за јавно здравје, согласно пропишана постапка за понатамошно постапување.
Во текот на вчерашниот ден болницата ја посети Комисија од Министерството за здравство со цел да се изврши увид во капацитетите на болницата во делот на тестирањето и со серумските и со молекуларни тестови за Ковид 19, при што беше констатирано дека „Аџибадем Систина“ и од аспект на медицински персонал и опрема ги исполнува условите за безбедно и сигурно извршување на двата вида на тестови, по утврдената постапка.