Еден од активистите на една политичка партија од Кочани, кои минатата ноќ биле приведени во СВР- Кочани, сè уште не е пуштен на слобода.
Сопругата на приведеното лице изјави дека вчера во 16 часот во нивниот дом најпрво дошле две униформирани лица, кои го побарале А.Н со цел да го приведат. Во тој момент А.Н. не бил во семејната куќа. Сопругата ги прашала која е причината поради која сакаат да го приведат нејзиниот сопруг, на што службените лица ѝ одговориле дека добиле анонимен телефонски повик дека А.Н. им се заканувал на три лица дека физички ќе се пресмета со нив доколку не гласаат за партијата на која тој ѝ припаѓа.
По 1 час и 30 минути, кај градската аптека, во непосредна близина на плоштадот во Кочани, автомобилот во кој бил А.Н. со уште три лица, според изјавата на Б.О., бил пресретнат од страна на два автомобила, кои побарале да застанат. Без да покажат идентификација, неколку лица насилно ги извадиле од автомобилот. А.Н. бил приведен и веднаш однесен во полициската станица во Кочани, а другите лица што биле со него добиле по еден удар во пределот на слабините, а потоа биле пуштени да си заминат.
Според кажувањата на семејството и на пријателите на приведениот, поради влошената здравствена состојба на А.Н., во 21 часот во полициската станица пристигнало амбулантно возило за да го прегледа. Откако здравствената слика на не се подобрила, приведеното лице било однесено во Градската болница во Кочани. За ова била известена и фамилијата, по што тие се упатиле кон Градската болница, но не им било дозволено да го видат.
На реакцијата на сопругата дека тоа што го прават е нечовечки и нехумано, според нејзината изјава, од страна на службените лица ѝ била упатена закана дека ќе ја приведат и неа.
До овој момент семејството сè уште нема точна информација за причината поради која лицето А.Н. е приведено. Велат дека се товари за повеќе дела, меѓу кои првичното било дека возел автомобил без регистарски таблички, на што фамилијата веднаш доставила документација дека постапката за добивање на регистарските таблички била во тек. Тие сметаат дека причината поради која е приведен е со политичка заднина, односно да му се оневозможи правото на глас.
Иако лицето е на интензивна нега во болницата во Кочани, пред просторијата во која е сместен, според кажувањата, можат да се забележат две униформирани лица, кои не дозволуваат неговите блиски да остварат контакт со него.
Според МВР, маж на возраст од 50 години синоќа е приведен во Кочани, затоа што кон неколку негови сограѓани, какви што биле информациите, упатил сериозни закани по животот, доколку не гласаат за политичката опција што тој ја застапувал. При претресот на неговото возило, како што информираат од полицијата, биле пронајдени еден нож и дрвена палка.
Фамилијата и жителите од ромската населба се видно вознемирени поради ваквиот немил настан. Сè уште немаме информација дали и кога лицето А.Н. ќе биде пуштено на слобода.
М. Р.