Албанскиот претседател Илир Мета ја поздрави денешната политичка одлука на Советот на министри на ЕУ за почеток на преговори, оценувајќи дека со тоа јасно се потврдува европската перспектива на земјата.
Во објава на Фејсбук Мета апелира да не се губи ниту една минута и што е можно поскоро да се исполнат условите.
„Ја поздравувам денешната одлука и им благодарам на сите земји членки за оваа охрабрувачка одлука, која најде место на европската агенда, и покрај тешките моменти низ кои секој од нас поминува! Не треба да се изгуби ниту минута со цел да ги исполниме што е можно побрзо секој од условите пред меѓувладината конференција за отпочнување на преговорите, напиша Мета.
На социјалните мрежи реагираше и амбасадорот на мисијата на ЕУ во Албанија, Луиџи Сореца, кој меѓу другото напиша дека ЕУ ќе продолжи да стои покрај Албанија и го честиташе „големиот чекор кон ЕУ“, нарекувајќи го историски ден за Албанија.
„Од денес Албанија има нов статус во однос на Европската унија. Ќе бидат имплементирани низа нови правила за да му помогне на албанскиот народ да се приклучи на европското семејство што е можно поскоро,пишува Сореца.
Посочува дека покрај работата на Владата, тоа бара залагање на целото општество, зашто „ќе биде потребна соработка на сите институции, опозицијата и граѓанското општество“