Агенцијата за медиуми со финансиска помош за радиодифузерите, речиси половина милион евра одат за МРТВ

Од:

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе додели донација за справување со последиците од коронавирусот (COVID-19), во вкупен износ од 105 милиони денари или околу 1,7 милиони евра.

Најголемиот дел од средствата или 103 милиони денари се доделуваат на радиодифузерите и тоа: 73 милиони денари на радиодифузерите (комерцијални и непрофитни) кои во моментов вршат телевизиско или радио емитување и 30 милиони денари на Јавниот радиодифузен сервис „Македонска радио телевизија“.

„Овие средства се доделуваат за заштита на своите вработени преку набавка на заштитни средства, за трошоци поврзани со производство, набавка и емитување на програма, за санирање на негативните последици врз нивното економското работење поради коронавирусот и овозможување нивно непречено функционирање“, се вели во соопштението на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

По еден милион денари се доделуваат на Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство, наменети за мерки и активности за заштита на своите вработени преку набавка на заштитни средства и набавка на друга опрема и средства неопходни за извршување на активностите на Министерствата за превенција, спречување ширење и справување со последиците од коронавирусот.

Средствата за радиодифузерите ќе бидат распределени на следниов начин:

– На сите радиодифузери, кои во 2019 година и во 2020 година го имаат платено годишниот надоместок за телевизиско или радио емитување на сметка на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ќе им биде вратен уплатениот износ за надоместокот за дозвола за 2019 и за 2020 година, намален за износот на данокот на додадена вредност. Вкупниот износ на средства кои се доделуваат по овој основ е 65.099.000,00 денари;

– На радиодифузерите на кои рокот за плаќање на годишниот надоместок за дозвола им доспева по донесување на Одлуката за донација, и тоа до крајот на 2020 година, Агенцијата нема да го побарува годишниот надоместок, туку ќе им издаде фактура чија висина соодветствува само на износот на данокот на додадена вредност. Вкупниот износ на средства кои се доделуваат по овој основ е 7.901.000,00 денари.

„Со сите субјекти, Агенцијата ќе склучи договори за донација кои ќе стапат на сила веднаш по потпишувањето од страна на договорните страни, а ќе се применуваат по добиеното позитивно мислење за јавниот интерес од страна на Министерството за правда“, стои во соопштението.

Би можело да ве интересира

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

Вкупно 250 случаи на Ковид-19 во јули во државава

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Сестрата која во февруари по вторпат беше фатена како краде лекови на Онкологија, добила отказ во мај

A1on

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

A1on