Поради преземените мерки за спречување на ширењето на пандемијата на КОВИД-19, стотици милиони деца низ светот најверојатно ќе се соочат со поголема закана по нивната безбедност и благосостојба – вклучувајќи и малтретирање, родово насилство, експлоатација, социјално исклучување и одвојување од старателите.
УНИЦЕФ ги повика владите да ја обезбедат сигурноста и благосостојбата на децата сред сѐ поинтензивните социо-економски последици од болеста. Агенцијата за деца на ОН, заедно со своите партнери од Алијансата за детска заштита при хуманитарна акција, објави низа упатства за поддршка на властите и организациите вклучени во одговорот.
„Во само неколку месеци, КОВИД-19 го преобрати животот на децата и семејствата низ целиот свет. Карантинските мерки како на пример затворањето на училиштата и ограничувањето на движењето, иако потребни, ги нарушија навиките на децата и системите за поддршка. Исто така, тоа значи и поголем стрес за старателите кои можеби ќе треба да не одат на работа. Некои деца, поради стигмата околу КОВИД-19, станаа поранливи на насилство и психо-социјален притисок. Истовремено, мерките за контрола, при кои не се земаат предвид родово-специфичните потреби и ранливост на жените и девојчињата, може да го зголемат нивниот ризик од сексуална експлоатација, злоупотреба и детски бракови. На пример, најновите анегдотски податоци од Кина укажуваат на значителен пораст на случаи на семејно насилство врз жените и девојките“, велат од УНИЦЕФ.
На многу начини, болеста сега досегнува деца и семејства далеку повеќе отколку оние што се директно заразени од неа“, изјави Корнелиус Вилијамс, шефот на УНИЦЕФ за детска заштита.
„Училиштата се затвораат. Родителите се мачат да ги згрижат своите деца и да „врзат крај со крај“.
Ризиците по заштитата на децата растат. Со овие упатства, на владите и органите за заштита им се дава преглед на практични мерки што може да се преземат за децата да бидат безбедни во овие неизвесни времиња.“
И за време на претходните јавно-здравствени вонредни состојби имало појави на зголемена стапка на злоупотреба и експлоатација на децата. На пример, затворањето на училиштата за време на епидемијата од ебола во Западна Африка, од 2014 до 2016 година, придонесе за пораст во експлоатацијата на детски труд, занемарување, сексуална злоупотреба и тинејџерска бременост. Во Сиера Леоне, случаите на тинејџерска бременост повеќе од двојно се зголемиле на 14.000 во споредба со времето пред епидемијата.
Како дел од упатствата, Алијансата препорачува владите и органите за заштита да преземат конкретни чекори за заштита на децата како составен дел од сите мерки за превенција и контрола на КОВИД-19, вклучувајќи и:
· Обука на вработените во здравствените, образовните и детските служби за ризиците по заштитата на децата поврзани со КОВИД 19, каде спаѓа и превенција од сексуална експлоатација и злоупотреба, а и безбедно пријавување на вакви случаи;
· Обука на итните служби (полиција и брза помош) околу постапување при родово насилство (Џебен водич за родово насилство), и соработка со здравствените служби за поддршка на жртвите на родово насилство;
· Зголемување на споделувањето информации за упатување и за други услуги за поддршка на децата;
· Вклучување на децата, особено на адолесцентите, при проценка на тоа како КОВИД-19 ги засега нив и релевантни информации за изработка на програми и застапување;
· Насочена поддршка за центрите и семејствата за привремена грижа, вклучително и домаќинствата водени од деца и згрижувачките семејства, за емотивна поддршка на децата и нивна соодветна грижа за себе;
· Обезбедување финансиска и материјална помош за семејствата чии можности за остварување на приход се засегнати; и
· Воспоставување конкретни мерки за да се спречи одвојување на децата од семејствата и обезбедување поддршка за децата кои се без соодветна грижа поради хоспитализација или смрт на родител или старател;
· Обезбедување заштитата на сите деца да добие најголем приоритет во мерките за контрола на болеста.
Стручните белешки за заштита на децата во времето на пандемија на корона вирусот можат да се преземат на следниот линк: https://www.unicef.org/