Гоце Јанески и Јасин Љама се двајцата репрезентативци кои поради ситуацијата со Ковид-19 останале во Лондон каде се одржувал првиот квалификациски турнир во аматерски бокс за Олимписките игри во Токио.
Од македонската репрезентација само два дена по натпреварувањето, со назнака итно, било побарано да се вратат дома, откако организаторите на турнирот оцениле дека поради коронавирусот квалификациите треба да завршат со „прекин“.
„На националните федерации им беше наложено да се вратат дома, некои тоа не можат да го направат поради рестрикциите на аеродромите, а таков беше случајот и со македонската репрезентација“, велат од Боксерската федерација на Македонија.
Љама и Јаневски останале во Лондон и покрај двата обиди на БФМ да ги врати во татковината, поради рестрикциите на државите каде дозволен бил транзит само на ЕУ државјани а сите околни аеродроми и оние во Европа не дозволувале транзит.
„Со нашата федерација сме во постојан контакт, прават се да не донесат дома, ни обезбедија на два пати вонредни авио билети, прво преку Истанбул а потоа и преку Солун, сепак државите преку кои требаше да транзитираме не дозволија да слетаме во Турција и Грција. Згрижени сме и ние сме добро, неизвесно е кога ќе се вратиме дома, не зависи од нас и федерацијата, таква е ситуацијата, сите работат на наше враќање, имаме контакт и со македонската амбасада во Лондон, прават се да ни помогнат. Истото важи и за Министерството за надворешни работи. Засега остануваме во Лондон“, вели Јасин Љама.
Гоце Јанески е оптимист дека набрзо ќе има решение и ќе вратат дома.
„Се е во ред, трпеливи сме, знаеме дека не е едноставно да дојдеме дома, благодарни сме на Амабасадата на Македонија во Лондон која прави напори да не врати дома, но не зависи се од нив ниту од Министерството за надворешни работи. Федерацијата е во постојан контакт со нас, сите работат на нашето враќање дома, искрено се надевам дека брзо ќе се најде решение бидејќи федерацијата работи напорно со сите институции да се најде соодветно решение“, изјави Гоце Јанески.
Од БФМ велат дека се во постојан контакт со Амбасадата на Македонија во Велика Британија.