Црногорскиот премиер Душко Марковиќ денеска соопшти дека Владата во Подгорица донесе нови мерки, вклучително и одложено отплаќање на кредитите за граѓаните и деловните субјекти, без затезна камата.
Се одложува и плаќањето на даноци и придонеси за плати, како и обврските согласно Законот за репрограмирање, рече Марковиќ.
Црногорската Влада, исто така, одвои еден милион евра помош за најзагрозените.
– Обезбедена е еднократна помош за пензионерите со најниска пензија и за корисниците на материјално обезбедување во висина од по 50 евра, рече Марковиќ.
Црногорскиот премиер исто така информира дека членовите на Владата еднократно ќе уплатат и половина од својата плата на сметката на Националното координативно тело за заразни болести.
Тој нагласи дека сите исплати од буџетот ќе бидат редовни.
Марковиќ рече дека започнатите капитални проекти нема да бидат запрени.
– Сега е момент кога сите, државата, економијата и граѓаните треба да го поделат товарот на опасноста, затоа што тоа е единствениот начин на кој можеме да опстанеме, рече Марковиќ.
Во Црна Гора попладнево се потврдени уште два нови случаи на новиот коронавирус и сега има вкупно 10 инфицирани, соопшти Институтот за јавно здравје.