Претседателот Стево Пендаровски ја закажа лидерската средба за утре во 12 часот, дознава „А1он“. Истата следува по повикот за одложување на изборите од лидерите на СДСМ, Зоран Заев и ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Освен нив, поканети се и претседателите на ДУИ, Беса, ДПА, Алијанса и Алтернатива. Се очекува на истата да биде донесена одлука за одложување на предвремените парламентарни избори закажани на 12 април.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека во текот на викендот биле правени сериозни анализи во однос на одржувањето на изборите и дека се надева дека заедно со останатите политички партии ќе изградат став за одложување на изборите на 12 април, а потоа ќе се договорат за нов датум.
„Дефинитивно тоа што се случува кај нас, добро е што е под контрола, но сепак едно знаеме, дека ризикот на одржувањето на изборите ја прави понепријатна состојбата, треба да се оди на гласачките места итн. Наш став е дека изборите треба да се одржат кога трајно ќе се обезбеди здравјето на граѓаните“, рече Заев.
Мицкоски пак, рече дека нема ниту една разумна, човечка, рационална причина за изборите да се одржат во ваква ситуација.
„Јас во овие моменти го одбирам, без трошка колебање интересот на државата и граѓаните, и затоа денес ќе побарам свикување на лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски со точка на дневен ред, разговор одлагање на превдремените парламентарни избори со цел заштита на здравјето на граѓаните. Потребно е одговорно однесување, кон граѓаните и државата. Нема ниту една разумна, и ниту една човечка, рационална, и прагматична причина тие да не се одложат, бидејќи за мене, а верувам и на останатите, борба за власт по цена на животите на граѓаните е неприфатливо“, рече Мицкоски.
Одложување побара и Петар Богојески од „Македонски концепт“, како и Солза Грчева од „Глас за Македонија“.