Превозниците ќе увезуваат автобуси и минибуси со еуро стандард 2 до крајот на годината, одлучи Владата на последната седница. Со одлуката по третпат се овозможува увоз на тој тип автобуси и се излегува во пресрет на барањето на Здружението на превозници во патниот сообраќај „Исток“, изјави денеска министерот за економија Ваљон Сарачини.
Пред раководството на Здружението „Исток“ Сарачини ја презентира владината мерка со која очекува возниот парк да го обноват превозниците што не го направиле тоа до истекот на претходниот рок – 28 февруари.
Според Сарачини, од воведувањето на мерката за увоз на автобуси и минибуси со еуро стандард 2 во ноември 2011 година, значително е подобрена состојбата на возниот парк на автобуси и минибуси. Процентот на стари автобуси без еуростандард, посочи, е намален од 42 на 18, со еуростандард 0 е намален на 5,5 проценти, а процентот на возила со еуростандард 1 е 6,5. Еуро 2 стандардите ги исполнуваат 53 проценти, еуро 3 стандарите 13 проценти, а со еуро 4 стандард се 3 проценти. Само еден процент исполнуваат еуро 5 стандард.
– Македонија до пред две години имаше убедливо најлош возен парк, а сега се вбројува во земјите со најмодерен и најбезбеден. Ефекти од оваа мерка имаат скоро сите, и превозниците, и патниците кои ќе се возат со поквалитетни и побезбедни возила, изјави Сарачини.
Горан Трпковски, претседател на Здружението „Исток“, оцени дека главни придобивки за превозниците се набавката на поквалитетни возила, со еко 2 стандарди, климатизирани и поудобни за превоз на граѓаните и зголемување на бројот на патници.
Од стапувањето во сила на мерките за увоз, како што рече, според кажувањата на превозниците има намалување на амортизацијата и на резервните делови за поправка за 30 проценти.
Покрај со набавката на поквалитетни автобуси, Трпковски очекува зголемување на бројот на патници и со примената на законската одредба за одземање на возилата на нелегалните превозници од срана на инспекторатот.
– Се надеваме дека ќе се елиминираат дивите превозници и ќе се зголеми бројот на патници на нашите релации, изјави Трпковски.
Владата овозможи увоз на автобуси-минибуси со еуро стандард 2 првпат во периодот од ноември 2011. до април 2012. Тогаш беа увезени 289 возила. Во тек на вториот рок, од јули 2012 до 28 февруари годинава се увезени 123 употребувани возила.