Министерството за здравство согласно препораките на СЗО, објави што треба да се направи за безбедно домашно згрижување на пациенти со сомнителна инфекција со новиот коронавирус (2019-nCoV), кои имаат благи симптоми и за спроведување на мерки на здравствена заштита кај асимптоматски лица кои биле во контакт со сомнителни случаи. Упатството е наменето за здравствени работници и здравствениот персонал кој доаѓа во контакт со пациенти суспектни на инфекција со nCoV. СЗО продолжува внимателно да ја следи состојбата со цел добивање податоци за ажурирање на постоечкото упатство за брзи совети.
„Со оглед на тековното ограничено знаење за болеста предизвикана од инфекција со 2019-nCoV и начинот на пренесување на инфекцијата, СЗО препорачува сомнителните случаи да се изолираат и да се следат во болнички услови. Ова ќе овозможи безбедна и квалитетна здравствена заштита (во случај да се влошат симптомите на пациентите) како и јавна здравствена безбедност. Како и да е, од неколку можни причини, вклучително и ситуации кога хоспитализацијата е недостапна или небезбедна (т.е. ограничен капацитет и ресурси кои не можат да ја задоволат побарувачката за здравствени услуги), или во случај на согласно одбивање на хоспитализација, може да се превземаат алтернативни постапки за обезбедување на здравствена нега.
Доколку постои таква причина, пациентите со благи симптоми кои немаат некое постоечко хронично заболување, како што се белодробни или срцеви заболувања, бубрежна инсуфициенција или имунокомпромитивни состојби, може да бидат згрижени во домашната средина.
Истиот принцип на згрижување важи и за симптоматски пациенти на кои веќе не им е потребна хоспитализација. Оваа одлука бара внимателна клиничка проценка и треба да се спроведе преку проценка на безбедноста на животната средина на пациентот.
Здравствениот персонал треба да биде вклучен во надзорот на здравствената состојба со следење на развојот на симптомите преку телефонски повици и доколку е можно, преку лични посети на редовна основа (на пр. дневно), извршувајќи специфични дијагностички тестови (по потреба). Покрај тоа, пациентите и членовите на семејството треба да се едуцираат за мерки за практикување на лична хигиена, спроведување на основните мерки за превенција и контрола на инфекција, за тоа како да се грижат за членот на семејството со сомнителна инфекција што е можно посигурно и да го спречат ширењето на инфекцијата на другите членови од семејството.
Тие треба да се придржуваат кон следниве препораки:
Да го стават пациентот во добро проветрена просторија
Да го ограничат бројот на лица кои се одговорни за грижа за пациентот (по можност да се додели едно лице кое е во добра здравствена состојба). Без посетители.
Членовите на семејството треба да останат во друга просторија или, ако тоа не е можно, да одржат растојание од најмалку 1м од болното лице (на пр. спиење во посебен кревет).
(Исклучок може да се смета мајка што дои. Со оглед на бенефитот од доењето и незначителната улога на мајчиното млеко во пренесувањето на респираторни вируси, мајката може да продолжи со доењето. Мајката треба да носи медицинска маска кога е во близина на своето бебе и да практикува хигиена на рацете пред близок контакт со бебето. Исто така ќе треба да ги примени и другите хигиенски мерки опишани во ова упатство).
Да го ограничат движењето на пациентот и да се минимизира заедничкиот простор. Да се обезбеди добра проветреност (на пр. чувајте ги прозорците отворени) на заедничките простори (на пр. кујна, купатило).
Негувателот треба да носи медицинска маска прицврстена на лицето кога е во иста просторија со заболеното лице. За време на употребата, маските не треба да се допираат. Ако маската се навлажнува или се извалка со секрети, веднаш треба да се промени со нова. Да се отстрани маската по употреба и правилно да се измијат рацете.
Да се мијат рацете по секој контакт со заболено лице или по контакт со предмети од нивната непосредна околина. Исто така, да се мијат рацете пред и по подготвување на храна, пред јадење, после употреба на тоалетот. Ако рацете не се видливо извалкани, може да се употреби дезинфекциско средство со алкохолна основа за бришење на раце. Да се мијат рацете користејќи сапун и вода кога рацете се видливо извалкани.
Кога се користи сапун и вода, пожелно е користење на хартија за еднократна употреба за сушење на рацете. Ако не се достапни, да се користат специјални крпи (пр. пешкири) кои треба да се заменат при навлажнување.
Респираторната хигиена треба да ја практикуваат сите, особено болните лица во секое време. Респираторната хигиена се однесува на покривање на устата и носот за време на кашлање или кивање со употреба на медицински маски, маски од ткаенини, проследено со миење на рацете.
Да се отстранат материјалите што се користат за да се покријат устата или носот или соодветно да се исистат после употреба (на пр. миење на марамчиња со употреба на сапун или детергент и вода).
Да се избегнува директен контакт со телесни течности, особено орални или респираторни секрети и столица. Да се користат ракавици за еднократна употреба при грижа за заболеното лице и при потреба од контакт со столица, урина и отпад. Да се измијат рацете пред и по отстранувањето на ракавиците.
Ракавиците, маските и отпадот треба да бидат сместени во посебен сад во просторијата на болното лице пред да бидат отстранети со другиот отпад од домаќинството.
Да се избегнува изложеност на контаминирани предмети во непосредна околина на заболеното лице (на пр. избегнувајте споделување на четки за заби, цигари, прибор за јадење, садови, пијалоци, пешкири или постелнина).
Приборот и садовите за јадење треба да се чистат со сапун или детергент и вода после употреба и може повторно да се користат наместо да се исфрлаат.
Секојдневно да се чистат и дезинфицираат честопати допрените површини, како што се масите, постелнините и другиот мебел во собата на заболеното лице со вообичаено средство за дезинфекција кое содржи средство за белење.
Да се чистат и дезинфицираат површините во бањата и тоалетот барем еднаш дневно со редовно средство за дезинфекција кое содржи средство за белење.
Да се пере облека, постелнини, пешкири на заболени лица со машина за перење на 60-90°C со детергент и исушете ги темелно. Да се избегнува директен контакт на кожата и облеката со контаминираните материјали и тресење на облеката и постелнините од заболеното лице.
Лицата со симптоми треба да останат дома сè додека не се опорават после спроведени клинички прегледи и лабораториски наоди (два негативни тестови на RT-PCR направени со растојание од најмалку 24 часа).
Сите членови на семејството треба да се сметаат за контакти и нивното здравје треба да биде под постојан надзор.
Управување со контактите
Со оглед на ограничените докази за пренос на 2019-nCoV од човек на човек, треба да се советуваат лицата (вклучително и здравствени работници) кои се во контакт со лица со сомнителна инфекција со 2019-nCoV, 14 дена од последниот ден на можниот контакт да побараат медицинска доколку развијат симптоми – покачена температура, кашлање или дијареја. Треба да се воспостави телефонска комуникација со здравствен работник за време на периодот на следење на контактите. Здравствениот персонал треба да биде вклучен во следењето на здравствената состојба на контактите преку телефон и доколку е можно, преку лични посети на редовна основа, извршувајќи специфични дијагностички тестови (по потреба). Здравствениот работник треба да дава претходни упатства за тоа каде да се побара згрижување кога некој контакт се разболува, кој е најсоодветен начин на транспорт, кога и каде да се влезе во одредена здравствена установа и кои мерки на претпазливост за контрола на инфекцијата треба да се следат:
Да се извести болницата дека се транспортира симптоматски контакт.
При транспорт до болницата, заболеното лице треба да носи медицинска маска.
Да се избегнува јавен транспорт до здравствената установа, ако е можно да се побара амбулантно возило или да се одвезе заболеното лице со приватно возило со отворени прозорци за проветрување, со маска на лицето.
Заболеното лице треба да се советува за спроведување на постојана респираторна хигиена и миење на рацете, седење најмалку 1м подалеку од другите лица при транспорт и во тек на престојот во здравствената установа.
Соодветна хигиена на рацете треба да се спроведува од страна на контактите на заболеното лице и од страна на негувателите.
Сите површини на кои има респираторни секрети и други телесни течности треба да бидат дезинфицирани со средство за белење“, пишува во упатството објавено од министерството за здравство.