Градинките, основните и средните училишта и сите воспитно-образовни институции ќе бидат затворени во наредните 14 дена, како заострена мерка поради превенција од ширење на коронавирусот.
Ова е заклучено на денешниот состанок на Комисијата за заразни болести на кој единствена точка на дневен ред била состојбата со Ковид -19 и мерките за претпазливост и превенција.
Во предлогот на комисијата стои дека се забранува одржување на сите собири на отворено и затворено, а спортските настани да се одржуваат без публика.
Воедно, се воведува задолжителна самоизолација на сите кои доаѓаат од средно и високо ризични држави во период 14 дена. Се препорачува на возрасните и повисоко ризичните категории на граѓани да го намалат движењето и да избегнуваат да користат јавен превоз.
Ќе се воведе таканаречена health locator карта за сите летови и сите авиокомпании, а тие што не ги препорачуваат препораките ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.
Препораките на комисијата за здравство денеска треба да ги усвои Владата.