Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ од Струмица Силвана Бонева веќе десет дена остварува партиска агитација низ Богданци за кандидатот на коалицијата „За подобра Македонија“, Анастасија Олумчева, која доаѓа од редовите на Демократскиот сојуз на Павле Трајанов.
Последните два дена, како засилување на партиската агитација, ѝ се придружи и заменик-министерот за економија во Владата на РМ, Христијан Делев. Надвор од работните овластувања, со користење на службено возило и службени дневници за патувања, овој претставник на извршната власт е во Богданци со цел да ги нагласи пораките на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ дека општина Богданци нема да добие никаква финансиска поддршка од извршната власт доколку за градоначалник не биде избран кандидатот на коалицијата „За подобра Македонија“.
Ова синоќа на митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Богданци го потврди лично и лидерот Груевски со обраќање од говорницата пред жителите на општината, но со позитивна конотација дека доколку победи кандидатот на коалицијата, ќе има поддршка во сите проекти за Богданци.
Убедувањата на гласачкото тело во општината оди на линија на закани дека доколку го дадат својот глас за опозицијата, тогаш Владата ќе го поништи постоењето на општината и Богданци ќе го припои кон општина Гевгелија, каде што кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ веќе ја обезбеди победата за втор градоначалнички мандат уште при првиот изборен круг на гласање.
Несигурни од реакциите на граѓаните на неколку дневните посетите на Бонева и Делев, денеска во Богданци како дополнително партиско засилување за агитација пристигна и актерот Благоја Чоревски, кој од ДА премина во ДС. За денеска е најавена и прикриена кампања со доброволно мерење на притисок на жителите во населеното место Селемлија од страна на лекар-член на ДС, вработен во Општа болница – Гевгелија.
Соочувајќи се со некоректна и заканувачка кампања од страна на противкандидатскиот политички кампус, кандидатот на опозицијата д-р Зоран Прочков порачува:
„На 24 март СДСМ победи во општина Богданци. Листата на кандидати за членови на Совет на општина Богданци на СДСМ и коалицијата ’Сојуз за иднината‘ го доби мнозинството гласови од граѓаните и обезбеди мнозинство мандати. И мојата кандидатура за градоначалник беше потврдена со 48,48 отсто од гласачкото тело што излезе да гласа, што е повеќе од гласовите на сите противкандидати заедно“, изјави Прочков и предупреди:
„Свесни дека ВМРО-ДПМНЕ ја нема довербата во Богданци, до 7 април низ општината подготвени се да вршат невидени притисоци со огромна помош на актуелната централна власт. Тоа се оние што до 7 април ќе тропаат на вашата врата и ќе ве убедуваат дури и со закани да гласате за нив. Тие калкулираат дека ако гласате за нивниот кандидат, гласате за тие да не ги изгубат личите привилегии, што вие со вашите гласови им ги обезбедивте пред четири години. Ако тогаш ве излажаа, не дозволувајте да ве излажат сега. Сега гласајте за вашата иднина и за иднината на вашите деца, а не за нивната сегашност и сегашноста на нивните деца“, им порача Прочков на своите сограѓани.