Припадници на подмладокот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК) на доскорешниот премиер, Харадинај изведоа симболична акција, поставувајќи мртовечки ковчег пред објектот на Владата на Косово.
Според ААК, акцијата на нејзиниот подмладок е во знак на протест поради најавите на новиот косовски премиер Албин Курти дека ќе ја укине таксата од 100 отсто што на увозот од Србија и Босна и Херцеговина ја воведе Харадинај во ноември 2018 година.
Ковчегот, пак, има симболична порака за „погребување на сите принципи“ кои Курти ги имал до неодамна како опозиционер.
По налог на надлежен обвинител, по извршен увид ковчегот е отстранет, а четворица припадници на Алијансата на младите на ААК се приведени и, откако беа испитани во својство на сведоци, пуштени се на слобода.