Пред неколку години општинскиот Совет во Прилеп ја одобри изградбата на соларна централа.
Станува збор за парцела од три хектари на која беше планирано да се постават сончеви колектори што ќе произведуваат електрична енергија. Соларната централа е лоцирана на излезот од Прилеп, наспроти селото Старо Лагово,со моќност од 900 киловати, за годишно производство на еден мегават електрична енергија.
Инвестицијата изнесува некаде околу еден милион евра за панелите и придружна инсталација и техника за претворање на сончевата енергија во струја. Според раководителот на Одделението за урбанистичко планирање, Бранко Нешкоски, електричната енергија што ќе се произведува од соларната централа ќе биде продавана на Електраните низ Македонија.
Инвеститор е фирмата Труст на скопјанецот со прилепско потекло Рубинчо Зарески, која доставила финансиски план и проект. Ова е скапа инвестиција, но, според Нешкоски, постои предност за реализација на овој проект, бидејќи околината располага со околу 300 сончеви денови во годината. Според него, централата требаше да биде завршена во текот на 2011 година.
Во Прилеп има три фабрики за производство на соларни колектори, но ниту една не се обидела да произведува панели за струја или таканаречени „фотоволтаици“. Според согледувањата на Друштвото за наука и уметност, во Прилеп се поставени околу две илјади колекторски системи.
Иако пред неколку месеци беше најавен крајот на изградбата на сончевата централа, очигледно на прилепчани им останува да причекаат уште неколку години до конечната реализација на овој исклучително важен проект.