Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонjио Милошоски денеска излезе на прес-конференција на која пушти аудио снимка за која тврди дека е „индиција оти Зоран Заев додека бил на чело на Владата се мешал во одлуките на судската власт“.
Милошоски на новинарите им подели транскрит од снимката, која, вели, ја добил од анонимен укажувач, а на транскриптот пишува дека станува збор за состанок во Владата во мај 2019 година, на кој присуствувал Заев, едно од лицата опфатени со Рекет и непознато лице.
Милошоски истакна дека денешната тема на која што сака да се осврне е тоа што „Заев како премиер во присуство на други нему познати лица, дал експлицитно јасен исказ дека тој договарал одлуки заедно со Врховниот суд“.
-Тоа е флагрантно мешање на извршната во судската власт и кршење на многу членови од Кривичниот законик, принципите на Уставот на државата. Второ од самиот материјал може да се види дека Заев цело време бил во тесна и блиска соработка со Катица Јанева, која очигледно е дека без него не можела да одлучува или да постапува самоволно, и затоа може лесно да се заклучи дека Заев и Јанева биле во тесна координација и за самиот случај Рекет. Третата работа ако внимателно видите Заев јасно посочува зошто му се брзаше на таков нелегален неделовнички начин да се донесе Законот за обвинителство и зошто толку и очајно се залагаше да обезбеди 80 пратеници да гласаат за да не важат понатаму во иднина нелегално стекнати материјали кои би можеле да бидат употребени како докази против него во некоја идна постапка, истакна Милошоски.
Вели дека овој разговор се однесувал на работата на СЈО, на тесната координација на поранешниот премиер со Врховниот суд при носење на одлуки поврзани со обвинителски предмети.
-Заев преку оваа снимка се покажува дека не бил само премиер туку и врховен судија и специјален обвинител, тоа не е правна држава туку е хибриден режим каде еден човек ја злоупотребува извршната власт за да биде и обвинител и судија, вели Милошоски.
На новинарско прашање дали е свесен дека со објавување на незаконски материјали може да заработи кривична пријава, па дури и да бидете притворен, Милошоски одговори дека е свесен дека „Заев и неговата фамилија имале влијание во обвинителство и во политиката и наредувале во минатото кој треба или не треба да биде притворен“.
Вели во текот на преговорите за Законот за ЈО во работните групи, ВМРО-ДПМНЕ имала расположение прислушуваните разговори да се прифатат како индиции и докази засекогаш, а СДСМ го одбила тој предлог.
За снимката, која ја пушти на собраниска комисија и која веќе и ја предаде на обвинителката Вилма Русковска добил ветување дека ќе биде ставена на обработка во случајот за Меѓународниот сојуз и ќе биде направена проценка за потребната вредност.
-Тоа беше на моја иницијатива, се надевам по објавувањето на оваа снимка дека самото обвинителство ќе покаже иницијатива, но доколку затаи повторно, јас ќе ја повторам постапката и повторно на своја иницијатива ќе го доставам материјалот до ОЈО, рече Милошоски.