Партијата за демократска акција (СДА) на Бакир Изетбеговиќ денеска го посочи членот на Претседателството на БиХ и лидер на СНСД, Милорад Додик, како главен генератор на кризата во таа земја, по повод неговата изјава „дека кризата ќе исчезне кога БиХ ќе исчезне“.
Партијата, пак, додаде дека „кризата ќе исчезне кога тој и СНСД ќе ја напуштат политичката сцена во БиХ “.
Во соопштението на СДА се наведува дека изјавата на Додик укажува на тоа дека тој „се подлабоко тоне во опасни политички илузии“.
СДА тврди дека Додик е „подготвен босанските Срби повторно да ги доведе во политички конфликт со најголемите светски сили и до политичка и економска изолација“.
„Со оглед на тоа што на сите им е јасно, освен на Додик, дека тој веќе една деценија е главен генератор на политичката криза, единствената вистина е дека кризата ќе исчезне кога тој и СНСД ќе заминат од политичката сцена во Босна и Херцеговина, се наведува во соопштението на СДА.