Одговорното лице за јавни набавки во Државниот архив направило грешка поради која на Бирото за јавни набавки излезе оглас во кој за речеиси 5 милиони евра Архивот бара служба за кетеринг услуги. Директорот на Државниот архив, Емил Крстески извести дека против одговорното лице е поведена дисциплинска постапка.
„По опсежните разговори со вработените во финансискиот сектор на Државниот архив е утврдено дека лицето одговорно за јавни набавки направило наводно ненамерна грешка додавајќи на сумата за кетеринг предвидена за цела 2020 година уште 3 нули. Со тоа сумата од 300.000 која е предвидена за кетеринг на изложби, промоции и гости од странство, кои и не мора да бидат потрошени станале 300.000.000 (триста милиони). Тој и самиот го призна тоа и против него веднаш е поведена дисциплинска постапка за несовесно работење“, објасни директорот Крстески.
Вкупниот буџет на Државниот архив е околу 2,5 милиони евра, па невозможно е институцијата за кетеринг да има 5 милиони евра, нагласуваат од Архивот и апелираат граѓаните критички да ги примаат информациите на јавните мрежи, бидејќи веста за 5 милиони евра за кетеринг е нелогична.
Огласот на кој Државниот архив бара кетеринг услуги е повлечен од Бирото за јавни набавки