Каратистката Пулексенија Јованоска е избрана за најдобар спортист на Прилеп за 2019 година на манифестација за избор на најдобри спортисти, клубови и на спортски работници во Прилеп за минатата година.
Манифестацијата се одржа синоќа во прилепскиот хотел „Кристал Палас“ по единаесетгодишна пауза со најава да продолжи наредните години.
Каратиската Јованоска, која е петтопласирана од последниот европски шампионат, најдобра во земјава за изминатата година, се заблагодари на довербата нагласувајќи дека доминираат младите спортски сили на градот кои најавуваат големи успеси.
– Чест ми е за големата доверба што ја добив, особено на манифестација која продолжува да ги слави спортот и спортските резултати по 11-годишна пауза. Спортот и спортистите се најголемиот амбасадор на една држава, рече Јованоска по доделувањето на наградите на најуспешните спортисти.
Во десетте најдобри спортисти на Прилеп за 2019 се: Борјан Јованоски од параглајдинг-клубот „Делта“, пинпонгарот Ѓоко Јочкоски гимнастичарката Теа Велкоска, Стефанија Перканоска од спортско-качувачкиот клуб „Златоврв“, параглајдеристката Александра Уфцеска, Мери Чкрипеска од ориентациониот клуб „Златоврв“, џудистката Теодора Димескаод клубот „Сеишин“ ,фудбалерката Катерина Милеска и џудистот Давор Велкоски. Најдобар за 2019 година е параглајдинг-клубот „Делта“.
Валентина Пурдеска е прогласена за најдобар судија, фудбалерот на „Удинезе“ Илија Нестороски е најдобар играч кој настапува во странски клуб, а за најдобар спортист со инвалидност е пинпонгарот Рубинчо Ристески.
Плакета за особен придонес во развојот на спортот му беше доделена на доајенот на македонското и прилепско спортско новинарство Миле Талески.
Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, а и спортскиот новинар Миле Талески кои ги паметат „златните спортски години на Прилеп“, порачаа и посакаа на Прилеп да му се врати епитетот за најспортски град, особено во фудбалот.