Македонскиот дипломатски синдикат денеска преку соопштение го повика раководството на МНР најитно да пристапи кон сервисирање на ратите за кредити на вработените во Министерството.
Со упорното одбивање да реализира административни забрани за членовите на “Македонскиот дипломатски синдикат” за земени кредити за лична потрошувачка, и покрај позитивното мислење на неговата правна служба, раководството на МНР работи директно против економската благосостојба и олеснување на социјалната положба на вработените.
Укажуваме дека ваквиот игнорантски однос може да доведе до непотребни судски процеси и спорови со добавувачите на стоките и услугите за лична потрошувачка, со материјално финансиски последици, велат од овој синдикат.
Имајќи предвид дека ниту една државна институција не им го ускратува процесирањето на кредити за набавка на стоки и услоги за широка потрошувачка на своите вработени, од “МДС” апелираат да не се дозволи нивните членови да бидат дискриминирани, само поради тоа што се членуваат во синдикална организација.
Воедно, потсетуваат на нивното барање да бидат вклучени во постапките за избор и упатување на дипломати и амбасадори на работа во ДКП-та
Потсетуваме дека во повеќе наврати сме укажувале на несоодветниот однос на раководството на МНР, кое одбива да ги вклучува претставниците на “МДС” во важни внатрешни процеси во министерството, вклучително и постапките за избор и упатување на дипломати и амбасадори на работа во Дипломатско конзуларните претставништва во странство и изготвување систематизации и други законски и подзаконски акти.
Ваквиот несоодветен и несолидарен однос и негрижата за сопствените вработени, за жал, продолжува, стои во соопштението од МДС.