Затуроска им порача на стружани – гласајте за развој на Струга

Од:

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ од Струга Лилјана Затуроска побара граѓаните масовно да излезат на гласање на вториот круг од изборите и својот глас да го дадат за Владимир Кочоски и со тоа да изберат развој на општината.

– Давајќи го вашиот глас во првиот круг за Владимир Кочоски вие испративте многу јасна порака до неговиот противкандидат Зијадин Села, дека не сте предмет за мајтапење, дека не сте алатка за поткусурување, а уште помалку за омаловажување. Затоа ве охрабрувам во уште поголем број на 7 април да го изберете Владимир Кочоски, човекот кој по четири години ќе ви врати со инфраструктурни проекти, со инвестиции во образованието, со грижа за пензионерите и младите, со Технолошко индустриска развојна зона каде ќе се вработат повеќе од 2.000 стружани, со реализирани проекти кои сега ви ги нуди преку неговата програма буквално за сите места од општина Струга, рече таа.

Додаде дека тој ќе почне да ги реализира своите проекти од Лабуништа, ќе гради во Радожда и во Боровец, во Октиси и Враништа, нема да го заборави Радолишта, треба многу работи да заврши и во Јабланица и Подгорци, а со тоа Струга, рече, повторно ќе влезе во вечната битка односно трка со Охрид за подобар, поубав, поспортски и поуспешен град.

– За вакви реализирани проекти ние стружани, за жал, имавме можност да слушаме само од градоначалници кои навистина беа успешни и имаа со што да излезат пред своите граѓани. За жал, Струга имаше градоначалник кој не се грижеше за граѓаните, тој имаше други агенди. Знаете што стружани говорат, дека досегашната локална самоуправа предводена од Мерко имала само еден успешен проект со наслов „Како Мерко од град успеа Струга да ја претвори во село“.

Само ќе дополнам дека катастрофалната работа на досегашната неуспешна локална самоуправа, исполнета со етнички тензии, провокации, навреди, омаловажувања и закани кон граѓаните и нивните претставници во советот на општината имаше и една единствена позитивна работа, а тоа е што ги обедини сите чесни луѓе во општина Струга, луѓе кои сакаат и во Струга да се случи проект, да се изгради нешто, за нас, за нашите деца да почуствуваат што значи поголем стандард на живеење, рече Затуроска.

Тоа, рече таа, едноставно се случи – Македонците христијани и Македонците муслимани рамо до рамо со Турците, Ромите и се разбира со македонските Албанци, оние со реална перцепција, оние кои Македонија ја чувствуваат со сите нас заедно за своја татковина, го препознаа човекот кој стои зад ветеното, зад проектот „Подобра и поуспешна Струга“.

– Морам да истакнам дека Села како противкандидат на Поповски во вториот круг за градоначалник на Струга понуди само една работа. Ја понуди старата финта на голема Албанија, не помислувајќи при тоа дека стружани веќе одамна живеат во 21 век и нивните стремежи и цели се малку повисоки од неговите, дека тие сакаат да живеат во Европа без граници. Затоа им порачувам на стружани да не потпаѓаат и да не веруваат на празните зборови на Зијадин Села, рече Затуроска.

Ова, додаде таа, е време на одлука, за која нашите деца ќе кажат дека правилно сме постапиле, дека сме им ја загарантирале успешната европска иднина. Во спротивно, истакна, ќе бидеме осудени дека наместо за подобро европско утре сме гласале за калашникови и нечии болни сништа.

– Зијадин Села ви нуди да бидете дел од опозицијата и четири години само да гледате како другите градат, како нивните домови добиваат европски лик, како напредуваат, работат, ги искористуваат многубројните можности и погодности што ги нуди оваа Влада и ништо повеќе. Затоа бидете прагматични како што се и Американците, бидете Американци и гласајте за вас, за подобро утре, за подобар живот. Дајте го гласот за Владо Кочоски, бидете со победниците, заземете го вашето место во изградбата на нашиот заеднички дом, истакна Затуроска.

Би можело да ве интересира

Објавени се конечните резултати од изборите во Подгорица

Проруската владејачка партија прогласи победа во Грузија, опозицијата излегува на протести

Предраг Петровиќ

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар

Анкети: Екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија победи на изборите

ВИДЕО: Го натераа Џо Бајден да стави капа „Трамп 2024“

Единствена Русија прогласи победа на регионалните избори