Владата на Црна Гора е подготвена да ја одложи примената на Законот за слобода на вероисповед до одлуката на Уставниот суд, односно Судот во Стразбур, изјави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
Тој истакна дека тоа му го кажал црногорскиот премиер Душко Марковиќ за време на заедничката средба.
Good discussion with Prime Minister of Montenegro @DuskoMarkovicCG: My work is based on your achievements. Aim to have at least one candidate ready for accession by end of my mandate not achievable, if you don’t help me. Work on reforms in #Montenegro needs to speed up. pic.twitter.com/8tV1Mk4H5A
— Oliver Varhelyi (@OliverVarhelyi) February 7, 2020
Еврокомесарот таа порака ја пренел на состанокот со претставниците на црногорската опозиција, пишува весникот „Вијести“, повикувајќи се на повеќе извори.
За весникот од Владата било неофицијално објаснето дека тоа претставува логичен потег, бидејќи Законот е „лекс специјалис“ и многу е важна неговата уставност.
Марковиќ наводно понудил примената на Законот да се одложи до одлуката на Уставниот суд, а доколку биде одбиена иницијативата на Митрополијата црногорско-приморска, ќе се чека и одлуката на Судот во Стразбур.
Вархеји по средбата со Марковиќ истакна дека постои голема заинтересираност за актуелната ситуација во Црна Гора, додавајќи дека само со дијалог може да се придонесе за мирно решавање на проблемот.
Еврокомесарот ја повика опозицијата да придонесе за смирување на тензиите, да учествува на изборите и да работи во интерес на државата.
Разговаравме и за Законот за слобода на вероисповед, ќе се сретнам денеска и со митрополитот Амфилохије, важно е да знаете дека светот ве набљудува и светот е заинтересиран за дијалог и мирно решавање на тоа прашање, нагласи еврокомесарот за проширување.
Вархеји изјави дека ЕУ е многу посветена на регионот, а проширувањето повторно ќе биде ставено на приоритетната листа.