И на 12 февруари до 23:00 часот да дојде усогласен предлог закон има процедурална можност да биде ставен на гласање, изјави денеска претседателот на Собранието Талат Џафери на новинарско прашање дали доколку викендов, на неколку дена пред распуштање на Парламентот, дојде Предлог закон за јавно обвинителство ќе биде ставен на седница.
– И до 23:00 часот на 12-ти да биде дојден предлог усогласен има процедурална можност тој предлог да биде претворен во закон. Неспорно, но на крај на мандат пред распуштање на Собрание само да се отвори седница, а неусогласен предлог, и да се претвори во театар е тоа немам намера. Нема потреба од некаква тензична ситуација пред одење на избори, изјави Џафери.
Техничката Влада и сите ние како институции, потенцира тој, сме должни на нашите граѓани да им обезбедиме демократски избори како што впрочем беа изборите од 2016 наваму.
Во однос на тоа дали ќе ја стави иницијативата за распуштање на Парламентот на ВМРО-ДПМНЕ на седница, Џафери рече дека е должен кога ќе добие предлог да го стави на гласање.
– Јас сум должен предлогот што ќе го добијам да го ставам на седница. Одлука има меѓу лидерите дека одат на избри на 12 април, според Законот на Влада сто дена пред изборите се формира техничка Влада. Таа дилема мислам дека не постои, изјави претседателот на Собранието.