„Србија е во пеколот на дрогата“, алармира весникот „Вечерње новости“ во материјалот насловен „Нарко удар од Косово“.
Во земјата се вкрстуваат сите нарко канали од исток и запад, но се позабележлив станува таканаречениот јужен канал. Тој има база и нарко-складови во Косово, од каде преку Нови Пазар ги испраќа своите смртоносни пратки во цела Србија, а од таму и во Европа.
Косово се претвори во европски склад за наркотици и тоа благодарение на таканаречената турска врска, која во соработка со албанските картели ги прима, складира и распространува сите авганистанско-иранско-курдски испораки на опијати за Балканот и Европа, пишува весникот.
Србија до пред неколку години беше главно транзитна територија за сите видови наркотици. Денеска, за жал, таа е и крајна дестинација и голем потрошувач на сите видови опијати, пишува весникот.
Исклучително ниската цена на наркотиците придонесе за тоа во Србија да има 170.000 наркомани, според официјалните податоци, додека неофицијално има неколку пати повеќе. Од нив поголем дел се млади луѓе и малолетници.