Борел: ЕУ не е комплетна без Западен Балкан

Од:

Високиот претставник на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жосеп Борел, за време на неговата прва официјална посета на регионот, изјави денеска дека ЕУ нема да биде комплетна се додека не го интегрира Западен Балкан, јави дописникот на МИА од Приштина.

На прес-конференција по средбата со косовскиот претседател Хашим Тачи, Борел порача дека ЕУ нема да дозволи постоење на еден поделен Балкан надвор од европското семејство.

ЕУ не е комплетна без Западен Балкан и сакаме да обезбедиме стабилност и безбедност за секого, бидејќи тие приоритети се во наш интерес. Нема да си дозволиме себе си да имаме еден поделен Балкан, земји одвоени една од друга, надвор од европското семејство.

Мораме да ги спречиме страдањата кои се случуваат во светот, изјави Борел.

Шефот на европската дипломатија изрази надеж дека Косово набргу ќе се стекне со Влада, за што, како што рече, добил потврда од претседателот Тачи.

Косовците се слободни да одлучуваат сами за својата иднина и на нив е да одлучат за влада, а не да разговараат со нас за тоа.

Сакаме да видиме дека ќе создадете влада што поскоро и среќен сум што претседателот ми кажа дека тоа ќе се случи и ќе помогне за што побрзо започнување на преговорите, изјави Борел.

Во однос на визната либерализација за косовските граѓани, Борел рече дека не може да гарантира кога таа ќе се случи, но оти како потпретседател на Европската комисија ќе се заложи тоа да биде што поскоро, дотолку повеќе што Комисијата веќе има оценето дека Косово ги исполнило сите зададени услови за укинување на шенген визите.

По претстојот во Косово, каде што се предвидени средби и со лидерите на политичките партии и претставниците на немнозинските етнички заедници, Борел утре ќе отпатува за Белград, каде што, меѓу другите, ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Би можело да ве интересира

Борел: ЕУ почнува да работи на нови санкции против Иран поради напад на Израел

Борел: Руската агресивна војна против Украина е егзистенцијална закана за Европа

Став на Брисел: Европејците нема да гинат за Донбас

Борел: Лидерите на ЕУ ќе повикаат на постигнување одржлив прекин на огнот во Газа

Горан Наумовски

Борел: Згрозен сум од масакрот на цивилите кои чекаа храна на северот на Газа

Горан Наумовски

Усвоена заедничка изјава на лидерите на Западен Балкан на Конференцијата на високо ниво „Раст и конвергенција на Западен Балкан”