Голем број нерегуларности и злоупотреби на правото на глас регистрирале набљудувачите од невладината организација „Цивил“, која ги набљудуваше изборите со околу 160 мобилни членови, кои ги обиколуваа избирачките места и ги евидентираа забележаните неправилности.
Најчести прекршувања кои биле забележани низ земјава се агитирањата на партиските активисти кои ги промовирале своите кандидати додека траел процесот на гласање, поткупување на гласачите, присуство на државни функционери и пратеници на избирачките места и притисоци и уцени за добивање на гласовите, кои се забележани особено кај малцинските заедници.
Од невладината организација сметаат дека бројните инциденти и прекршувања говорат за недемократското одвивање на изборите и за контаминираниот систем што, пак, евидентно влијае на избирните резултати.
– На самиот почеток „Цивил“ го осудува однесувањето на политичките актери на овие избори, меѓу другото и поради многубројните случаи на кршење на изборниот молк. „Цивил“ го смета за недозволиво однесувањето на политичките партии кои во својата предизборна кампања не бираа ниту зборови, ниту средства да извршат силен притисок врз гласачкото тело. Злоупотребата на државните и општинските ресурси беше широко распространета и видлива дотаму што ретко кој се обидуваше да го скрие од очите на јавноста – изјави Џабир Дерала.
Според извештајот на „Цивил“ гласањето протекло мирно, без инциденти и насилство, дури и на оние места каде се очекувале ескалирања, но тоа не може да ги утврди изборите како демократски и регуларни, велат оттаму.
Регистрирани се и случаи во кои гласачите откако пристигнале на избирачкото место, им било кажано дека веќе гласале, односно дека некој друг гласал за нив. Групно и семејно гласање е забележано во Тетово, Струга, Арачиново, Пласница, Чаир, Сарај и низа други места, а методот на гласење наречен бугарски воз, каде гласачот веќе има ливче со себе кое го пушта во гласачката кутија, а даденото го носи во партија, е забележан во општините Велес и Битола.
Во некои случаи набљудувачите на невладината организација регистрирале лица кои направиле обиди да гласаат по два пати со различни документи, но од „Цивил“ немаат информација колку вакви обиди биле успешни.
По бројот на инциденти, кои се забележани во три општини, се издвојува Шуто Оризари каде се евидентирани тепачки, поткуп, превоз на гласачи, попречување на работата на новинарите и закани кон нив, како и попречување на гласачи да гласаат.
„Цивил“ апелира и на честите случаи каде набљудувачите биле попречени во својата работа од страна на избирачките одбори иако ја имале потребната идентификација и одобрение од ДИК за следње на изборите. Со вакви жалби излезе и граѓанската асоцијација МОСТ која ги следеше изборите со 3.200 набљудувачи.