При посета на избирачки одбори во општина Штип, во избирачкото место 2266 во населбата 8 Ноември, непосредно пред избирачкото место лицето со иницијали Б.Д. (1987) се пожали дека не ѝ било дозволено да го оствари своето право на глас, од причина што нејзиното место определено за скратен потпис во изводот од единствениот избирачки список веќе било пополнето.
„Јас не го остварив своето право. Кога дојдов на ова избирачко место моето име веќе беше заокружено, имаше потпис штоне одговараше со тој на мојата лична карта“, изјави Б.Д., која беше спречено да го оствари своето избирачко право.
Заедно со Б.Д. се упативме во избирачкиот одбор 2266 со цел да се информираме за состојбата. Потпретседателот на ова избирачко место, Даниела Ѓошева, побара да го почекаме претседателот на избирачкото место од причина што ваквата нерегуларност во изборниот процес се случила на неговата смена.
По пристигнувањето на претседателот, најпрво беше побарано да ја напуштиме просторијата за да оствари контакт со членовите на Општинската изборна комисија, по што го затворија избирачкото место. Прекинот на гласањето траеше 20 минути.
Откако избирачкото место беше повторно отворено, Б.Д. беше повикана да глада и да се потпише во графата во која веќе имаше евидентирано потпис на друго лице. Лицето со исти иницијали Б.Д., кое претходно се потпишала во графата наменето за Б.Д. (1987), беше повикано да се појави во избирачкото место и да го депонира својот потпис во соодветната графа. Ваквата одлука избирачкиот одбор ја донесе врз основа на препорака од страна на Општинската изборна комисија во Штип.
„По консултација со изборната комисија во собранието, тие ми рекоа да му дозволам да гласа, со што на тоа место за потпис, стојат два потписа, ставивме печат и се потпишав јас и мислам дека би требало да е регуларно, па ќе видиме“, изјави претседателот на избирачкото место 2266, Горан Кавраков.
Избирачкиот одбор го оставивме да го чека лицето Б.Д., кое првично се има потпишано на местото на Б.Д. на која првично не ѝ беше дозволена да гласа, со цел да го депонира својот потпис во соодветната графа.