Обвинителството што работи на случајот за илегална трговија со човечки органи во клиниката „Медикус“ во Приштина, додаде четири нови точки во обвинителниот акт, соопшти специјалниот обвинител на ЕУ Џонатан Рател.
Сајтот „Балкан инсајд“ објави дека новите точки во обвинението се однесуваат на нанесувањето тешки телесни повреди, фалсификување на документи и криминална измама.
Одбраната на обвинетите има една недела да ги анализира новите точки од обвинението и да одговори на истите.
Рател претходно истакна дека обвинението треба да биде изменето поради нови информации од суштинско значење и „страшни изјави на сведоци“.
Според обвинението во клиниката „Медикус“ во Приштина во 2008 година се извршени најмалку 30 илегални трансплантации на човечки ограни.
Меѓу седумината осомничени лица, против кои се води судска постапка, се наоѓаат и поранешниот функционер во косовското министерство за здравство Илир Рецај и познатиот приштински уролог Љутфи Дервиши, кој е сопственик на клиниката „Медикус“.