Во полициска станица во Штип утрово во 9 часот бил приведен Виктор Гаврилов, синот на управителот на Канал 77, Горан Гаврилов, внук на штипска пратеничка, поради инцидент неколку часа претходно во штипска дискотека.
Полицијата го потврди тоа, известувајќи и извести дека против лицето В.Г.(21) од Штип е поднесена кривична пријава за напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста. Според МВР, В.Г. бил во видно алкохолизирана состојба.
Од Канал 77, пак, тврдат дека Виктор Гаврилов во мешаницата бил тепан од едно лице, но полицијата не интервенирала да го заштити и не го привела тепачот.
Според официјалното соопштение од МВР, „по претходна телефонска пријава од страна на менаџерот на дискотека „Мистик”, било пријавено дека во делот каде се сместени В.И.П. сепарињата имало групирање на лица кои минатата недела учествувале во вршење на кривично дело „насилство”, испратени се неколку полициски службеници со цел превентивно набљудување.
Тие во делот каде се сместени В.И.П. сепарињата забележале две машки лица кои меѓусебно се туркаат и расправаат, при што од страна на полициските службеници кои најнапред со службени легитимации се легитимирале и претставиле дека се полициски службеници, е реагирано во однос да се спречи нарушување на јавниот ред и мир. Во тој момент едно од лицата најпрвин со вулгарни зборови им се обратило „Кој … ако сте полиција, што … сакате” и истото видно под дејство на алкохол продолжил да ги навредува за да во еден момент го исплукал полицискиот службеник и физички го нападнал на начин што со двете раце го фатил за јаката од блузата и со главата го удрил во пределот на градниот кош од што му ја скинал блузата во пределот на јаката, а на градниот кош му нанел црвенило во пределот на левата страна.
Полицискиот службеник е упатен во ЈЗУ Брза Помош Штип каде му е укажана лекарска помош. Од страна на останатите полициски службеници напаѓачот е совладан и приведен во просториите на СВР Штип. Истиот видно бил под дејство на алкохол, при што му е извршено алкотестирање и е констатирано 1,35 промили алкохол во крвта“, стои во полицискиот билтен.