Премиерот на Канада, Џастин Трудо изјави дека украинскит Боинг 737, според разузнавачки информации од разни извори, бил соборен од иранска ракета, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Трудо ова го изјави на денешна прес-конференција.
– Располагаме со разузнавачки податоци од разни извори, вклучувајќи од наши сојузници и од сопствено разузнавање дека авионот бил соборен со иранска ракета земја-воздух и тоа можело да биде ненамерно, изјави Трудо.
Претходно и американски извори истакнаа дека авионот најверојатно бил случајно соборен со, по се изгледа, руска ракета.
-Иран најверојатно го означил авионот на радар и истрелал две ракети земја-воздух што го урнале авионот, изјавија американски официјални лица.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не знае дали авионот бил соборен од Иран, но дека се сомнева во тоа.
-Некој од другата страна направил грешка. Мислам дека се случило нешто многу страшно и уништувачко, изјави Трамп.
Засега нема официјални информации каква ракета била употребена, но се укажува дека на фотографиите снимени од местото на несреќата кои се појавија на социјалните мрежи, можат да се препознаат остатоци од руската ракета Тор.
Овој одбранбен ракетен систем во НАТО е означен како СА-15.