На вечерашниот митинг на „Сојузот за иднината“, во населбата Кисела Вода, Бранко Црвенковски им се заблагодари на граѓаните што им даваат поддршка, волја и сила за да издржат во заедничката битка за демократска Македонија.
„Ви благодарам и ви честитам што цела зима бевте дел од македонскиот граѓански отпор; што бевте силен бедем во фронтот против узурпаторите на слободата и демократијата, против киднаперите на македонската иднина. Сите вие имате полно право да се чувствувате горди и пред себе и пред своите деца“, рече Црвенковски.
„Отпорот продолжува така како што на почетокот се договоривме и се заколнавме – до крај, до конечна победа!! Ние немаме два живота па едниот тие да ни го упропастат! Ние немаме две татковини па едната тие да ни ја уништат! На сите ни е јасно дека државата ни ја водат во погрешен правец, дека пропаѓаме по сите основи, тонеме на сите полиња!!!
– Стопанството е на колена, народот осиромашен, државата презадолжена! Заведоа диктатура, сакаат да владеат со сила, со закани, со притисоци. Нивното не најсилно туку единствено оружје е сеењето на страв и лага. Во Македонија денес вистината е протерана, слободата забранета, демократијата зло што треба да се уништи. За нив нема ништо свето. Ни Устав ни закон, ни народ ни држава, ни вера ни семејство. Ако нивната власт и нивните пари се во прашање се може да биде изгазено“, додаде лидерот на СДСМ.
Тој ги повика граѓаните во недела, на 24-ти март да ја искористат приликата и да победат двапати.
„На 24-ти март вие ќе гласате за локалната власт. Но бидете свесни дека во исто време, со истиот ваш глас и давате или одземате легитимитет на тиранијата на Груевски и фамилијата. Затоа и е растрчан вака Груевски деновиве. Не затоа што многу им се секира на граѓаните во какви општини ќе живеат туку затоа што се плаши, што стравува дека многу брзо ќе се соочи со тешка народна казна. Искористете ја приликата. На 24-ти март, победете 2 пати“, изјави Бранко Црвенковски.
Во Кисела Вода, според него, СДСМ и коалицијата оди на сигурно.
-Нашиот кандидат за градоначалник Љупчо Васовски и советничката листа предводена од Мери Проја Продановска се личности со име и презиме, со биографија, со минат труд и резултати зад себе, рече Црвенковски.
На митингот во Кисела Вода се обратија и Мери Проја Продановска, носител на советничката листа, лидерот на ВМРО-НП Љубчо Георгиевски и кандидатите за градоначалници на Кисела Вода и на Град Скопје Љупчо Васовски и Јани Макрадули.