Имаме сосема различни и дијаметрално спротивни концепти со СДСМ. Од едната страна имаме концепт кој кога ја нема довербата на граѓаните сака да бојкотира избори и прави штета и хаос во државата само за да се оствари личен интерес. Од другата страна е концептот на ВМРО-ДПМНЕ кој работи чесно, одговорно и макотрпно, а кога ја нема довербата и кога за нешто ќе погреши знае да се извини, да направи корекции и да оди напред.
Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски на завршниот митинг на коалицијата „За подобра Македонија“ во Велес и додаде дека не се сеќава СДСМ за нешто да кажале дека погрешиле.
Посочи дека кога СДСМ е на власт не исполнуваат тоа што го ветиле, невработеноста расте и корупцијата царува, а кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт не само што го исполнува она што го ветиле, туку исполнува и она што не го ветиле.
– За време на ВМРО-ДПМНЕ беа дадени 135 милиони евра за субвенции на земјоделците, а за време на СДСМ не беше даден ниту денар. СДСМ вети бесплатни учебници, но никогаш не го реализираше тоа. Ние тоа не го ветивме, но го реализиравме. Кога СДСМ беше на власт здравството тонеше, немаше реформи и прогрес. ВМРО-ДПМНЕ ги намали цените на лековите за четири пати, односно за 90 отсто, за разлика од времето на СДСМ кога немаше ред во здравството, и направи реконструкции од 100 милиони евра, рече Груевски.
Во време на СДСМ, нагласи, невработеноста постојано растеше од 31,5 отсто во 2002 година таа се зголеми на 38 отсто, а ВМРО-ДПМНЕ и во време на економска криза успеа да ја намали невработеноста на 30 отсто.
– Славчо Чадиев заедно со својот тим подготви програма која е реалност и остварлива и зад која стои Владата, а еден од врвните приоритети е вработувањето и развој на економскиот просперитет на општината. Во близина на Велес ќе инвестира еден странски гигант којшто ќе отвори нови работни места, ќе се изградат нови индустриски зони како што се Караслари, Речани два и доизградба на индустрската зона Узус, потенцира Груевски.
Велес, додаде, со поддршка на централната власт и заедничко делување на локална и централна власт ќе реализира многу проекти. Ќе работиме на цевководот од браната Лисиче до Езерото Младост во должина од 10 километри, на изградба на локалните патишта до селата Црквино, Сливник, Иванковци и уште многу други села, ќе работиме на нов затворен пазар, две спортски игралишта,….
За досегашниот градоначалник Горан Петров рече дека го дал својот максимум и направил се што можел во ова, како што нагласи, тешко време на глобална криза и европска должничка криза и ги посочи проектите кои ги реализирал.
Кандидатот за градоначалник Чадиев порача дека велешани на потешкиот начин научија дека може да се верува само на дела, а, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ токму тоа и им го нуди.
– Велес не дава поддршка на излитени фрази туку само на дела. Пред четири години кажавме доста е на сивилото во кое живееме 20 години и затоа избравме промени и ни ја дадовте довербата нам. Потоа Велес доби нов лик и работите тргнаа на поарно. Затоа денес со гордост можам да кажам дека се реализирани 67 проекти што е доказ дека она што сме го ветиле знаеме да го реализираме, рече Чадиев.
Не велиме, нагласи, дека сработивме се што може да се сработи во Велес.
– Остана уште многу што треба да завршиме и за тие проекти ја бараме вашата поддршка. Во нашата програма има 117 проекти кои ќе се реализираат со директна поддршка од Владата. Од ова место ветувам дека нема да сопрам со работа се додека не ги завршам сите 117 проекти. Нема да сопрам само на она што сме го ветиле, секогаш кога ќе има можност и средства ќе инвестирам во работи што не сме ги ветиле, а се приоритет за граѓаните на Велес, порача Чадиев.
Приоритет, истакна, ќе му биде формирањето совети за економски развој, култура, здравство и спорт.
– Ќе привлечеме нови инвеститори да се отворат нови работни места, ќе донесеме и ќе ги измениме деталните урбанистички планови за економски развој на општина Велес. Ќе воведиме нов сообраќаен режим со поставување на кружни текови, семафори и нови паркинг простори. Ќе ги реконструираме улиците во градот и селата, хортикултурно ќе го уредиме градот, ќе отвориме затворен пазар, ќе поддржуваме спортот и ќе ги поддржуваме новитеи спортските таленти, вети Чадиев.
Носителот на советничката листа Александар Колев истакна дека му претставува чест што е носител на, како што рече, најквалитетна листа која било когаш било која партија ја имала во Велес.
– На листата се видни луѓе. Ние ја обединивме нашата љубов и нашите професионални знаења за создавање на нови дела за развој на Велес. Ние сме луѓето кои ќе му бидат целосна поддршка на идниот градоначалник Чадиев, рече Колев.
