Филипинскиот претседател Родриго Дутерте и нареди на војската да подготви авиони и бродови за евентуална евакуација на илјадници филипински работници во Ирак и Иран „во секое време“, а другите азиски држави размислуваат за слични мерки поради можно избувнување насилство на Блискиот исток.
Началникот на Генералштабот, Фелимон Сантос рече дека филипинските сили идентификувале можни патишта за евакуација не само во Ирак и Иран, туку и од другите жаришта, како што е Израел.
Филипини се водечки извор на работна сила во светот, а во Иран и Ирак има повеќе од 7.000 филипински работници, вклучително и многу кои работат во американски и други странски објекти и трговски установи, соопшти Министерството за одбрана.
Другите земји се соочуваат со слични дилеми, бидејќи Азијците сочинуваат 40 проценти од мигрантите во светот, а земјите од Блискиот исток се нивна вообичаена дестинација.