Опозицијата предложи технички министер, власта со дилема дали тој е во согласност со Уставот

Од:

Опозицијата вчера предложи нов технички министер за внатрешни работи, додека пак кај власта предлогот отвори дилема дали е во согласност со Уставот, откако беше истакнато дека станува збор за воено лице на служба во Армијата. Синоќешните средби меѓу власта и опозицијата беа први во пресрет на формирањето на техничката влада, а како што рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во понеделник ќе ги соопштат и предлозите за другите ресори.

Мицкоски вчера на одвоени средби со премиерот Зоран Заев и со лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети го даде предлогот за министер за внатрешни работи во преодната влада, посочувајќи оти се работи за професионалец со исклучително богата кариера во службата онаму каде што досега работел.

– Разговаравме за името на кандидатот, му го презентираме, ја презентиравме биографијата на лицето и во интерес на дополнителни консултации што тој треба да ги изврши, јас не би го споменувал се уште нашиот предлог, договоривме за од прилика час – час и половина од сега да се слушнеме телефонски за конечна потврда. Но, вака на прва немаше никакви забелешки, ниту пак имаше некакви дополнителни коментари, рече Мицкоски.

Заев, пак по средбата со Мицкоски, наведе дека станува збор за воено лице и оттука излегува дилемата дали Уставот согласно член 97 тоа го дозволува, Законот за служба во Армијата и Законот за служба во МВР. Посочи дека ќе се консултираат со експертите по ова прашање. Немаат, како што рече, предрасуди за кандидатот, тоа е право на опозицијата и оти првпат го слушнал тоа име иако е полковник во Армијата.

За Ахмети, според неговата изјава по средбата со Мицкоски, е прифатлив предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи. Ахмети рече дека тоа е докажан професионалец кој не бил познат како политички активист, ниту, пак, активен во цивилното општество.

Дел од медиумите објавија дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи е Драган Ковачки, кој доаѓа од АРМ и е со чин полковник. Тој има долга кариера во војската, меѓудругото и како Командат на 1. механизирана пешадиска бригада.

Министерката за правда Рената Дескоска, која е и универзитетски професор по уставно право, се огласи на својот Фејсбук профил за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи.

– Покрај толку советници од Правен, да пуштиш противуставен предлог?!, напиша Дескоска на Фејсбук.

Нејзиниот став го заснова на членот 97 од Уставот, што пропишува: „Со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години“.

На средбата меѓу Мицкоски и Заев станало збор и за промената на изборниот модел. Заев повтори дека СДСМ е на став дека треба да имаме една изборна единица, апелирајќи да се најде решение и на тоа прашање.

– Сакаме да направиме напори ова прашање кое што е на дневен ред и ќе продолжи да биде на дневен ред сигурно се до 12 февруари додека не се распушти Парламентот оти темата е отпочната во самото Собрание. Во духот на она што претставува напори на изнаоѓање на заеднички консензуални решенија разговаравме за можни варијанти. Еве сега да влеземе да го изгласаме законското решение да важи од следните парламентарни избори за тука да го најдеме компромисот, а отворените листи да важат за следните локални избори за да не има директен импакт како аргумент на опозицијата, посочи Заев.

Мицкоски, пак, во врска со ова рече дека како ВМРО-ДПМНЕ изразиле подготвеност веднаш по завршувањето на овие избори опозицијата и власта кои и да бидат тогаш, да седнат и разговораат за промена на изборниот модел и примена на т.н. отворени или преференцијални листи за време на следните локални избори, посебно за листите на советници.

Во петокот вечерта на Централниот и Извршниот одбор на СДСМ за технички премиер беше избран досегашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, а за вицепремиерка, на местото на Кочо Анѓушев, Мила Царовска. Спасовски ќе биде технички премиер од 3 јануари 2020 до формирањето на новата влада по изборите во април.

Избрани беа и двајца дополнителни заменици министри во преодната влада – Славјанка Петровска во МВР и Санела Шкријејљ – во МТСП.

Би можело да ве интересира

Следува уште една изборна година

Ана Ололовска

Усогласување на владината програма и распределба на кадри во преговорите меѓу СДСМ и ДУИ

Ана Ололовска

ВИДЕО: ВМРО-ДПМНЕ бара Антикорупциската да отвори случај за финансирање на изборната кампања на СДСМ

А1он

Уште пет дена за договор за нова влада

А1он

СДСМ: Продолжуваат разговорите за нова влада со полн четиригодишен мандат

А1он

СДСМ тврди дека преговара за Влада со стабилно мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ бара да ги кажат имињата на партиите

А1он