Сведокот Ацо Стојанов кој е предложен од СЈО во случајот „Титаник“ кажа дека повеќе пати имал донирал пари во ВМРО-ДПМНЕ во кеш кај благајничката на партијата. Стојанов бил вработен како советник во Министерство за финансии, а сега е пензионер. Сведокот рече дека пополнувал уплатници во износи од 40 и 60 илјади денари, но не ги уплатувал туку и нив ги оставал во благајната.
„Јас имам донирано повеќе пати и тоа во износи од 4, 5, 8 илјади денари. На точните износи не можам да се сетам. Донирав на рака, како и други физичко-правни лица. Некогаш од благајникот добивав документ каса прими, а некогаш не, не се сеќавам. Не можам да се сетам на годишно ниво колку имам донирано, бидејќи беа повеќе години. Можно е да сум пополнил уплатница еднаш, два пати, три пати, не се сеќавам точно“, рече Стојанов.
„Ова е притисок од Обвинителството врз сведокот, го одговори прашањето“, реагираше обвинетиот Илија Димовски кога обвинителката Лиле Стефанова го праша сведокот „Дали сите полиња сами ги пополнувате“, но судот го дозволи прашањето.
„Не можам да се сетам, но сум пополнувал износи од 40 или 60 илјади денари. Овие уплатници не ги носев во банка да ги уплатам, туку ги оставав кај благајникот“, рече сведокот Стојанов.