Арсовска: Реформи за намалување на парафискалните давачки

Од:

На панел дебатата во организација на Finance Think, за парафискалните или скриените неданочни такси, давачки и надоместоци кои се воведени од централната и локалната власт, независните агенции и регулаторните тела, претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска истакна дека тие претставуваат голем товар за стопанството.

Согласно анализите на Сојузот, во последните 10 години бројот на парафискални давачки во континуитет се зголемува, се воведуваат плаќања за полагање испити, за концесии, како и за издавање документација од институциите по разни основи. Покрај средствата кои ги трошат, компаниите губат време во долги административни процедури со бројна документација, кои не се современи и се сметаат за застарени и непотребни. Дополнително, постојниот систем на скриени давачки е непредвидлив, непостојан и тоа сериозно влијае на конкурентноста на македонското стопанство и влева несигурност кај компаниите. За споредба оптоварувањето кај стопанството со неданочни давачки е значително поголемо од даночните.

Сојузот на стопански комори на Македонија води регистар по пријави на компаниите, за тоа кои се најголемите парафискални давачки што го отежнуваат бизнисот, и апелира за нивно намалување или укинување од страна на надлежните институции.

Како една од парафискалните давачки компаниите ја посочуваат давачката за потврда за извршен периодичен здравствен преглед на вработените во компанијата, за која се плаќаат суми утврдени со тарифник. Оваа давачка е за потврда која секој вработен може да ја добие и од својот матичен лекар од редовен преглед преку здравственото осигурување за кое исто така континуирано плаќаат компаниите за лицата кои се вработени. Во случајов е истакнато двојното плаќање од страна на компаниите и овој трошок е посочен како една од трите најголеми и најчесто споменувани парафискални давачки.

Уште еден пример е надоместокот за фискални каси, регулиран со Законот за регистрирање на готовински плаќања со кој покрај фискалните апарати, компаниите плаќаат илјадници денари по фискален апарат за одржување, неоснована давачка која се наплаќа без разлика дали компанијата користи услуга на одржување или не. Во надоместокот се пресметува за СИМ картица која овозможува поврзување со системот на УЈП која чини околу 300 денари но разликата од цената на чинење на сим картичката до вкупната сума изнесува илјадници денари по фискален апарат, секоја година.

Како еден од приоритетите е промена на основот на кој се пресметува фирмарината, парафискална давачка која компаниите ја плаќаат годишно на локалните власти. Моментално утврдениот износ на фирмарина не ја изразува реалната состојба, бидејќи сите компании ја плаќаат истата сума која за микро компаниите е огромен трошок за разлика од големите претпријатија кои го плаќаат истиот износ на фирмарина. Поточно, фирмарината е иста и за компании со 1 или со 1000 вработени, а дополнително е детектирана како огромно оптоварување за старт ап компаниите уште во првата година од формирањето. Потребно е износот да се утврди скалесто според одредени критериуми на големина на компанијата како не би претставувала неиздржливо годишно оптоварување за микро и малите претпријатија но и за претприемачите.

Субиндикаторите на парафискалните оптоварувања според Светскиот Економски Форум укажуваат дека непотребните административни трошоци во Македонија се највисоки во споредба со Црна Гора, Србија и Хрватска. Истото се однесува и на трошоци поврзани со регулативата, како и на транспарентноста во носење на легислативата и прописите.
Во таа насока неопходни се реформи односно, потребна е контрола при воведување на парафискалните давачки и да се напушти моменталната пракса секоја институција, агенција, управа, општина, директно да донесуваат одлуки за нови давачки и за нивната висина. Пред нивно донесување стопанството треба да биде консултирано за оправданоста на одредена давачка, со навремена најава и соодветно образложение и соодветна анализа дали е неопходен новиот трошок за компаниите. Дополнително, како приоритет треба да бидат ставени и реформите во кратење на постојните неданочни давачки.

Да се елиминира двојно плаќање за иста намена, сумите да бидат разумни и да соодветствуваат со услугата која се добива за возврат, да се укинат парафискалните давачки за кои не се добива никаква услуга, да се обезбеди предвидливост и транспарентност за да не можат органите на централната и локалната власт без најава и соодветна анализа за оправданост да наметнуваат или зголемуваат давачки.

Најважно и последно барање е да се пропише регистар за оние давачки кои не можат да се укинат, во кој ќе бидат предвидени највисоките цени кои можат да се пропишат и истите да бидат предмет на ревизија на годишно ниво, бидејќи со процесите на дигитализација властите имаат се помалку трошоци и соодветно треба да се намалуваат и трошоците односно таксите за компаниите и граѓаните.

Големиот број на парафискални давачки, непотребно го оптоваруваат стопанството и затоа неопходен е регистар за систематизација, како и соодветно намалување на скриените давачките и олеснување на секојдневните процеси, така ќе се овозможи компаниите и граѓаните кои работат во функционален, предвидлив и економски оправдан финансиски систем, да придонесат за одржлив раст.

Би можело да ве интересира

Ангелоски: Очекуваме што е можно побрзо Владата да ги договори условите за унгарскиот кредит

ССК: Кинескиот пазар стратешка цел за извозот на македонската храна и вино

ССК: Со данокот на солидарност опфатени иновативните, успешни компании, а не и банките кои остваруваат огромни профити

Ангелоски: Секое замрзнување на цените има консеквенци, ние преферираме слободен пазар

Ана Ололовска

Потпретседател на ССК проф. д-р Симов: ИКТ секторот, туризмот и агро бизнисот главни сектори за соработка со Бугарија

Ана Ололовска

Сојузот на стопански комори 18 години репрезентативен глас на македонскиот бизнис

Ана Ололовска