Кандидатот на Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ за Велес Славчо Чадиев денеска ги презентираше проектите од патната инфраструктура на Велес во програмата 2013-2017.
– ВМРО-ДПМНЕ е одговорна партија. За нас изборите се можност за понуда на идеи и проекти кои имаат за цел решавање на проблемите на граѓаните, рече Чадиев.
Тој додаде дека патната инфраструктура во Општина Велес ќе ја подобрува преку спроведување повеќе проекти меѓу кои
асфалтирање улици, изградба на тротоар за пешачко поврзување на населбата Тунел со населбата Превалец, асфалтирање и бетонирање улиците во населбата Керамидна, изградба на сервисна улица од Благој Ѓорев до Алексо Демниевски, реконструкција на улица 8 Март со паркинг простор…., поплочување и бетонирање на градските улици, покривање со бетонски плочи на отворениот канал за атмосферски води над битолската пруга и други.
– Реконструкцијата и асфалтирањето на улиците е област во која се неопходни големи вложувања. Преку проектите од оваа сфера се создаваат услови за безбеден транспорт и сообраќај во населените места и меѓу нив, рече Чадиев додавајќи дека убав и плански уреден простор е негова визија за современ и поубав Велес.
