Државата до крајот на неделава треба да исплати преку 26 милиони евра субвенции за тутунот од ланската реколта од кои над 12 милиони за тутунарите од Прилепско. Во Прилеп интензивно се исплаќаат субвенциите, а тутунарите од изутрината чекаат трпеливо пред филијалата на Тутунска банка.
Се исплаќа државната поддршка за пет компании, а се очекува да се средат податоците за кооперантите за уште три компании.
– На сметките на тутунарите се субвенциите за тутунот кои тие го предале во пет компании, а уште од вчера се обработуваат податоците за три компании- Прилепскиот тутунски комибинат, Центротабак од Велес и за Далија од Делчево. Се очекува во текот на денешниот ден да се средат формалностите и тутунарите да ги имаат парите на сметките, изјави Данчо Милески, претседател на Соузот на тутунските здруженија на Македонија.
Тутунарите нагласуваат дека парите од државната поддршка навреме пристигнуваат зашто почнаа подготовките за новата реколта и има трошоци за расадопроизводството, орањето на површините и за ѓубривото.
– Моето семејство живее од тутунопроизводството. Имав три тони, родот беше квалитетен и сега ќе подигнам 3.000 евра субвенции. Посеани се веќе леите за новата реколта и мислам да ги зголемам површините за 20-ина проценти, изјави Тони Аљакоски, тутунопроизводител од прилепското село мало Коњари.
Според Сојузот на тутунските здруженија, државното субвенционирање е главна поддршка за тутунопроизводството.
– Ориенталните типови тутун се бараат на светскиот пазар. Националната програма за поддршка на родот е добродојдена, а годинава се очекува зголемување на родот иако ланскиот беше поголем од очекувањата и достигна до 27.000 тони. Во подрачната единица на Министерството за земјоделство се издаваат бели картони како лиценци за новиот род. Досега се издадени преку 11.000 а се очекува бројката да стигне до 13.000 картони, посочи Милески.