„На многу добар пат сме од пред две години. Успеавме полека, полека, чекор по чекор Скопје да го претвориме во успешна приказна. Најдоброто допрва следува. Покажавме дека не беше залудна борбата за промени“. Со овие зборови, градоначалникот на Градот Скопје, го почна говорот во спортскиот центар „Борис Трајковски“, на завршниот настан од караванот на СДСМ, наречен „На прав пат“.
Шилегов се пофали дека системски почнале да ги решаваат проблемите кои со години биле ставани под тепих.
„Веќе се на пат 33 автобуси на гас, кои од февруари ќе ги гледаме на скопските улици“, рече Шилегов и кажа дека за две години ќе има повеќе патници во јавниот транспорт.
Градоначалникот на Скопје кажа дека системски го решаваат проблемот со хигиената во градот.„Допрва средува хаосот со комуналниот отпад во Градот. Го решивме проблемот со криминалното управување со Дрисла“, рече Шилегов.
„Влезени сме во војна, која не може да има поинаков крај, освен победа“, кажа тој во говорот и додаде дека работат на системско решавање на аерозагадувањето. „За две години презедовме 28 мерки кои видливо го намалуваат аерозагадувањето. Инспекциите се засилени за загадувачите“, рече тој и додаде дека 13 од 23 средни училишта имаат енергетски фасади.
Потсети дека Градот дал субвенции за оџачари, за набавка на инвертери, велосипеди, го обновиле зеленилото во Градот, а градските улици и булевари, како што рече во говорот, се граделе побрзо и подобро од порано.
„Ми викаат многу работиш не ти чини пиарот, не знаеш да се фалиш. Ние не се фалиме, затоа што за нас тоа е редовна работа. Поважно од улиците, булеварите и објектите, Скопје се луѓето, Скопје е секој од нас што не е присутен во оваа сала“, рече Шилегов ипотенцира дека нема да дозволат Скопје да се врати, во како што рече, црното минато.
Градоначалникот истакна дека првпат во Градот се работи на изградба на четири булевари и дека следната година ќе започне обновата на Универзалната сала.
Претходно со скандирање „Зоки, Зоки“, присутните членови и симпатизери на СДСМ, го поздравија лидерот на партијата, Зоран Заев, кога влезе во спортската арена „Борис Трајковски“, по што следуваше интонирањето на химната.
Присутните во салата по повикот на водителката ги кренаа картичките на кои пишуваше „На прав пат“, по што следуваше музичко-сценски перформанс.
Со последната 26 трибина од серијата „На прав пат“ СДСМ го завршува караванот и ја заокружува изработката на изборната програма. Првиот драфт ќе биде промовиран кон крајот на декември.
Владејачката партија веќе најави нови настани кои ќе се темелат на клучните столбови на програмата. Кон средината на следниот месец партијата ќе излезе со финалната изборна програма.
Месецов завршува и кампањата „Од врата до врата“. Од партијата се пофалија дека 6000 партиски активисти посетиле приближно 70 илјади семејства.