Конференција: Ако акцизата на цигарите се зголеми за 25 отсто би се намалила преваленцата на пушење

Од:

Просечно по 21 до 22 цигари дневно пуши секој пушач во државава. Државава е рангирана меѓу првите десет земји во светот во однос на преваленца на пушење која во 2018 година изнесуваше 40 проценти. Во едно домаќинство во државава месечно се пушат 28 кутии цигари, алармантни се бројките и многу малку се прави во однос на подигнување на свеста и донесување законски решенија. Ако се делува со акцизата на цигарите и таа да се зголеми за 25 отсто, би се намалила преваленцата на пушење за осум проценти, а приходите од акцизата би се зголемиле за 12 проценти. Тие дополнителни приходни можат да се насочат за здравствени цели.

Ова денеска за МИА го изјавија професорот на Економскиот факултет во Скопје, Борче Треновски, кој е дел од експертскиот тим кој работи на проектот поврзан со оданочување на тутунот и Тамара Миовиќ Спасова од организацијата „Аналитика тинк-тенк“ пред почетокот на регионалната конференција на тема „Подобрување на политиките на оданочување на тутунот во земјите од Западен Балкан“, што се одржува во Скопје.

– Имаме огромен број негативни социјални и здравствени ефекти поврзани со пушењето. Подготвуваме предлози за политики што се поврзани со пушењето и со фискалните ефекти од пушењето и намалување на негативните ефекти од него. Се наоѓаме во ситуација каде имаме двојна добивка имаме начин преку определени фискални мерки да го дестимулираме и намалиме пушењето и ефектите од него, да превенираме и да го наполниме Буџетот. Од друга страна, преку намаленото пушење може да влијаеме и на едукативниот процес и на здравјето на нацијата. Ќе има позитивни социјални ефекти…, рече професорот Треновски.

Миовиќ Спасова информираше дека заедно со Универзитетот од Чикаго работеле на анализи за тоа кои би биле ефектите од зголемување на цената на цигарите во намалување на пушењето. Еден денар од акцизата оди за ретки болести, меѓутоа, посочи, со таа мерка доколку акцизата дополнително се зголеми би се добиле дополнителни приходи.

На прашање дали се применуваат такви практики во други земји, рече дека слична е ситуацијата и во останатите земји во регионот и затоа дошле до решение дека е потребно да се делува со регионално воедначување на цените, да има воедначена даночна политика за да нема зголемување ниту на сивата трговија, ниту на шверцот со цигари, а сепак да се постигне примарната цел да се намали пушењето.

Во изјава за МИА министерот за здравство Венко Филипче пред почетокот на конференцијата на која имаше обраќање потенцираше дека како ресор имаат обврска да укажат и да ја подигнат јавната свест дека бројот на пушачи треба да се намали. Истовремено, посочи, многу е битно тие да работат на одвикнување со оглед на тоа што не само што се директно поврзани негативните ефекти од пушењето со овие болести, туку и пушењето само по себе има по класификацијата своја шифра дека е болест на зависност.

– Во рамки на Министерството и центрите за јавно здравје години наназад постојат советувалишта за одвикнување од пушење со оглед на тоа што дефинитивно е докажана директната корелација на пушењето со негативниот ефект врз крвните садови, директната поврзаност со кардиоваскуларните болести, со некои типови карцином, пред се карциномот на белите дробови. Во таа смисла во центрите за јавно здравје, во советувалиштата два пати во неделата експертски тимови работат со луѓе, а ние ќе продолжиме понатаму да работиме на кампањи за подигнување на јавната свест, за укажување на негативните ефекти од пушењето, за намалување на достапноста до цигарите и сето тоа е дел од нашите политики, рече Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали зголемувањето на цената на цигарите изминативе години влијаело граѓаните кои пушат да го намалат пушењето или да се одвикнат од него, потенцира дека тоа е еден од факторите кои има улога во намалување на пушењето, заради тоа што се намалува достапноста до цигарите.

– Дел од акцизата од цигарите од 2015 година, еден денар од една кутија оди во буџетот за ретки болести, што само по себе не е доволно, ние го дополнуваме, па за неколку пати е зголемен за 2019 и 2020 година што овозможува да обезбедиме соодветна терапија за сите пациенти со ретки болести, истакна Филипче.

Појасни дека глобално преваленцата на пушење е намалена, но имајќи го предвид зголемувањето на популацијата апсолутниот број пушачи е ист во последните неколку години.

– Наша обрвска е да креираме јавни кампањи, да укажуваме на негативните ефекти од пушењето, да укажуваме оти сето тоа се фактори на ризик кои можат и треба да се избегнат заради тоа што на тој начин директно влијаеме на нашето здравје и значајно го намалуваме ризикот од одредени болести за кои е докажано дека имаат директна поврзаност со пушењето, додаде Филипче.

На конференцијата беа презентирани истражувањата спроведени во шест земји од регионот и дискутираа претставници на јавни државни институции релевантни во областа на контрола на употребата на тутунските производи, како и нивните фискални и здравствени аспекти.

Би можело да ве интересира

Меџити: Мора да се одвикнеме од пушењето, лекувањето е поскапо за болестите што тоа ги предизвикува

A1on

Негувателка во градинка во Велес им дала на децата да пробаат електронски цигари: Суспендирана е од работа

A1on

(ВИДЕО) Царинска управа: Запленети 120 килограми тутун и 19 илјади парчиња цигари

Горан Наумовски

Меџити: Информацијата за укинување на организациските директори доставена до Владата

Ана Ололовска

Во Федерацијата Босна и Херцеговина од денеска нема пушење на затворени јавни места

Гевгеличанец се обиде да шверцува голема количина цигари без документација