Претседателот Иванов на инаугурација на папата Франциск

Од:

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска присуствуваше на церемонијата на инаугурација на папата Франциск, која се одржа на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, во присуство на голем број политички и општествени личности од целиот свет, верски челници од други конфесии и неколку стотици илјади верници.

По чинот на инаугурација, претседателот Иванов, како што соопшти неговиот кабинет, остварил кратка средба со папата Франциск, на која уште еднаш упатил честитки за неговиот избор за понтиф на Римокатоличката црква и му посакал успешно вршење на благородната мисија.

На средбата, македонскиот претседател истакнал дека односите меѓу Република Македонија и Светиот престол отсекогаш биле на високо ниво и изразил подготвеност за зацврстување и продлабочување на меѓусебното пријателство и соработката во периодот кој следи.

Воедно, претседателот Иванов изразил очекување дека високоценетиот ангажман на папата Франциск и посветеноста кон христијанските вредности и принципи ќе овозможат успешно соочување со предизвиците на денешницата и дека неговиот углед и авторитетот ќе помогнат во одбраната на универзалните вредности, духот на дијалогот, толеранцијата и меѓусебната почит.

На средбата, претседателот Иванов упатил покана до папата Франциск за посета на Република Македонија.

На маргините на инаугурацијата, македонскиот претседател остварил средби со потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Џозеф Бајден, со германската канцеларка Ангела Меркел, со претседателот на Италијанската Република, Џорџио Наполитано, со претседателот на Мексико Енрике Пена Нието, со принцот Алберт Втори од Монако, со претседателите на Литванија и на Латвија, Далиа Грабуискаите и Андрис Бержинс, како и со претседателите на Словенија, Србија и Бугарија, Борут Пахор, Томислав Николиќ и Росен Плевнелиев.

На инаугурацијата на папата Франциск, присуствуваа претставници на 180 држави во светот, како и вселенскиот патријарх Вартоломеј.

Би можело да ве интересира

Почина папата, што по неговата смрт?

Горан Наумовски

Претседателката Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Киргистан

А1он

Ватикан: Папата Франциск денеска ги засили физичките и работните активности

А1он

Претседателот на Романија поднесе оставка

А1он

Куба почна да ослободува затвореници како дел од преговорите со Ватикан

Горан Наумовски

Кавелашвили ја презеде функцијата претседател на Грузија