Режисерот Антонио Митрикески заедно со полскиот директор на фотографија Јарек Шода беа да ги разгледаат локациите на крајбрежјето на Преспанското Езеро, каде од 20 мај ќе почне да се снима неговиот најнов филм „Деца на сонцето“, по сценарио на култниот писател Гордан Михиќ.
Шода и Митрикески соработуваат уште од студентските денови во Полска, каде Антонио има дипломирано на Државната школа за театар, филм и телевизија во Лоѓ, на отсекот на филмска и ТВ-режија во 1987 година.
Шода беше директор на фотографија и на претходниот игран филм на Митрикески, „Како лош сон“.
– Пресреќен сум што повторно ќе работам со Митрикески. Јас и тој многу лесно наоѓаме заеднички јазик, а понекогаш се разбираме и без зборови. Љубовната приказна на Михиќ буквално ја голтнав од првиот до последниот ред. Деновиве уживав покрај Преспанското Езеро, кое мислам дека е совршена локација да се наслика приказната за филмот, изјави Шода.
Планирано е да се снима 36 дена. Речиси сите локации се покрај самото езеро, каде што ќе бидат изградени и адаптирани објекти.
Ова е трет игран филм на Митрикески на кој му претходат „Преку езерото“ во 1997 година и „Како лош сон“ во 2003 година. Продуцент на филмот е Дејан Милошевски. Автор на музиката е Влатко Стефановски, кој во филмот ќе глуми и епизодна улога. Главната машка улога му е доделена на младиот македонски актер Кире Ѓоревски.
Филмот е копродукција меѓу Македонија, Хрватска, Словенија и Србија. Најголемиот дел од средствата се обезбедени од македонскиот Филмски фонд.