Работењето од денес за утре заврши со заминувањето на СДСМ, оцени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на митингот на коалицијата „За подобра Македонија“ вечерва во Берово.
Владејачката партија, истакна Груевски, настапува со осмислена програма што ја исполнува затоа што и е важно по четири години пред граѓаните да застане со гордо крената глава.
Посочувајќи дека прво треба да се решаваат приоритетните проблеми во секоја општина претседателот на ВМРО-ДПМНЕ најави изградба на слободна економска зона Берово-Пехчево.
– Во иднина крупни компании што ќе сакаат да отвораат нови работни места, да градат свои погони и фабрики ќе имаат овде и услови за да можат да одберат каде да ја градат својата фабрика. Јас цврсто верувам дека откако ќе се заврши градењето, за година и половина до две години, ќе почнат да доаѓаат инвеститори кои ќе отвораат нови погони и ќе вработуваат невработени лица тука од овој крај, рече Груевски.
Според него, веќе се започнати подготовките и до крајот на годината ќе се постави камен темелник за изградба на зоната.
– Иста таква зона ќе започне да се гради до крајот на годината и во Кочани, Виница и во уште неколку места ширум Македонија. Се на се вкупно 14, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
На беровчани им порача дека актуелниот градоначалник на Берово Драги Наџински за кој коалицијата „За подобра Македонија“ повторно бара доверба, нема да може да работи ако не биде изгласана и советничката листа. Во изминатите четири години, според Груевски, Наџински ја исполнил програмата и реално немал противкандидат на овие избори.
Наџински во своето обраќање претстави дел од новите проекти за натамошен развој на Берово што биле утврдени заедно со граѓаните.
– Заеднички ги согледувавме потребите кои треба да бидат решени, а се во надлежност на локалната самоуправа за изградба на повеќе улици и доизградба на повеќе канализациски краци, проширување на уличното осветлување во градот и приградските населби, нови улични осветлувања во туристичките населби Беровско Езеро и Јабланица, подобрување и редовно одржување на полските и шумските патишта.., рече Наџински.
Вети и редовно одржување на сите објекти кои се во функција на образовниот систем, изградба на градски спортски рекреативен центар, финансиска пдодршка за децата од семејства корисници на социјална помош бесплатно да престојуваат во детската градинка…
На митингот во Берово се обратија и Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија и носителот на кандидатската листа за советници Предраг Монев.