Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид денеска премиерно ќе биде прикажан „Дедо и внук“, прв долгометражен филм на охридскиот режисер и сценарист Илија Пиперкоски. Филмот почна да се снима во април 2017 година. Во главните улоги се актерите Салаетин Билал и Дејан Лилиќ.
Како што вели режисерот, „Дедо и внук“ заедно со „Мирно лето“ на Димитрие Османли, се единствените два долгометражни играни филма во македонската кинематографија целосно снимени во Охрид.
Филмот раскажува за едноличниот живот на пензионерот и вдовец Никола, кој е навикнат да биде сам во мал туристички град, сè до ненајавеното доаѓање на неговиот единствен внук кој го нема посетено повеќе од 10 години.
„Дедо и внук“ е последен филм на актерот Салаетин Билал, кој почина по долго боледување на 76-годишна вораст во мај минатата година. Зад себе имаше седумдесет одиграни театарски и 40 телевизиски и филмски улоги.
– Беше вистинско задоволство да се работи со еден од доајените на македонскиот филм. Човек од кого може многу да се научи, не само за филмот, туку и за животот воопшто, вели режисерот Пиперкоски.
Покрај Дејан Лилиќ и Салаетин Билал, во актерската екипа на „Дедо и внук“ се и Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и тогаш 12-годишниот охриѓанец Наум Цветкоски.