Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на митингот на неговата партија во Струмица рече дека е време за заминување на кланот Заеви од Струмица.
Тој го претстави кандидатот за градоначалник Васил Пишев како успешен човек кој со труд и посветеност успеал да заработи, изгради и создаде и да вработи луѓе. Такви луѓе и требаат на Струмица, порача тој.
Имате избор од една страна чесен човек, од друга страна човек кој на стартот на политичката кариера се пофали со мали бизниси, а сега никој не може да ги доброи бизнисите на кланот Заеви. Време е овој клан да падне. Време е за чесен човек кој создава- Васил Пишев, рече Груевски.
Филозофијата на ВМРО-ДПМНЕ е да му се помага на народот, рече партискиот претседател и додаде дека тие создаваат дела кои на секого можат да му помогнат. Тој предложи за кандидат, како што рече, чесен човек.
ВМРО-ДПМНЕ не предлага криминалци, луѓе кои велат „Ајде да си ја свиткаме кичмата и да предадеме се за што се борел овој народ“. ВМРО-ДПМНЕ не предлага криминалец кој чека аболиција. Такви луѓе не и требаат ни на Македонија ниту на Струмица. Ние изминатиов периот немавме во Струмица човек со кој можеме да соработуваме, но направивме овде многу работи. Ветивме дека ќе донесеме компанија, ја донесовме Агрокор која изгради агроберза, таа работи, ги откупува производите од земјоделците. Ќе продолжиме да работиме и да носиме и други. Во Струмица многу луѓе живеат од земјоделието. Даваме историски гледано и неспоредливо со СДСМ-135 милиони евра поддршка за земјоделците, тоа го немало никогаш, потсети Груевски.